|

Секој ден ни е 1 април

Се лажеме самите себе дека, „крстот на чело“ ни дава мирен сон. Се лажеме самите себе, ги лажеме и другите.

Се лажеме самите себе, кога својата добрина ја нудиме како на тезга, очекувајќи дека некој ќе ја оцени. Се лажеме самите себе, ги лажеме и другите.

Се лажеме самите себе дека сакаме промени, бидејќи промената значи излегување од зоната на конфор. Се лажеме самите себе, ги лажеме и другите.

Се лажеме самите себе, кога заземаме нечија страна убедени, во нелукративната подготвеност за саможртва на лидерот. Се лажеме самите себе, ги лажеме и другите.

Се лажеме самите себе дека, никогаш не би „чепнале во медот“, дури и да сме сигурни дека тоа ќе остане тајна или нема да бидеме казнети… Се лажеме… Ама и нѐ лажат.

Нѐ лажат кога ни велат дека нашите даноци одат за заедничкото добро. Барајте ги нашите даноци во кафеаните, болниците и сами знаете во каква состојба се.

Нѐ лажат кога велат дека се борат против корупцијата, бидејќи и ние самите не сакаме таа корупција да се намали… Дај 5 илјади евра ќе те вработам во… списокот е долг.

Нѐ лажат кога велат дека секој (ќе) има ист третман за било што… од вработување до одење на суд. Пробајте да се вработите на место каде што веќе е вработен некој партиски војник… пробајте да бидете мангуп што добива условна казна затвор, пошо е „дете на системот“.

Нѐ лажат кога ни велат, „уште ова да го решиме и работите ќе тргнат на поарно“. Се решаваат работи или козметички или такви што позади себе кријат убави тендери за „нашите фирми“. Другите најчесто реалните проблеми се на листата за чекање.

Нѐ лажат дека им треба време. Време нема, тоа си тече. Си тече, а ние од ден на ден се навикнуваме со лагите и дури не можеме без нив… оти секој ден ни е 1 април, и си мислиме дека ни е весело, а некои дури и се убедени во тоа.

Автор: Атанас Величков

 

Слични Објави