Документарецот „Силви Вартан. Од љубов“ ќе го отвори фестивалот DOCK во Бургас
Документарниот филм „Силви Вартан. Од љубов“ ќе го отвори Меѓународниот фестивал на документарен историски филм DOCK, кој ќе се одржи од 17 до 22 септември во Бургас, јавува Радио Бугарија. Режисерка на филмот е Ема Константинова, а сценариото е на Георги Тошев, кој е и негов продуцент. Тошев лично ќе го претстави остварувањето пред публиката во Бургас.
Филмот го следи необичниот животен пат на девојчето од бугарското село Искрец до светските сцени. Тоа е приказна за успехот и сомнежите, љубовта и разделбата, иселувањето и враќањето во татковината. Преку личната биографија на Силви Вартан, документарецот создава и своевиден портрет на Бугарија во изминатите 80 години, опфаќајќи ги промените на политичките системи, историските трауми и сеќавањето на домот. Филмот е сниман во период од 16 години.
Во натпреварувачката програма на DOCK 2026 ќе бидат прикажани и филмови за личности како царот Фердинанд Први, Ромен Гари, Караваџо, Володимир Зеленски, Адолф Хитлер и Адолф Ајхман. Програмата содржи и документарни приказни за Сталин, Моамер Гадафи, Никола Саркози и други личности и настани што оставиле белег врз современата историја.
