„Допир до љубовта“ ја освои наградата „Златна Афродита“ на филмскиот фестивал „Љубовта е лудост“ во Варна
Филмот „Допир до љубовта“ на францускиот режисер Маел Пириу ја освои главната награда „Златна Афродита“ на 34-то издание на Меѓународниот филмски фестивал „Љубовта е лудост“ во Варна. Жирито го награди филмот за храброста да ја бара љубовта и во најневозможните ситуации, јавува БТА.
Наградата за најдобра режија ја доби Стефано Мордини за „Лекцијата“, додека Бастиен Бујон беше прогласен за најдобар актер за улогата во францускиот филм „Да си заминеш еден ден“. Наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на Естер Пантано за „Франческа и Џовани – љубов и мафија“.
Специјалната награда на Општина Варна ја доби филмот „Три збогувања“ на режисерката Изабел Којшет, а Сојузот на бугарските филмски работници ја награди бугарската комедија „Аврора“ на Георги Стоев и Никола Бошнаков.
И публиката за свој фаворит го избра „Допир до љубовта“, со што нејзиниот избор се совпадна со одлуката на фестивалското жири.
Фестивалот беше затворен со реставрирана копија од филмот „Базенот“ од 1969 година, во режија на Жак Дере, со Ален Делон и Роми Шнајдер во главните улоги.
