| |

Мицкоски меѓу дата центрите и „Српскиот свет“

Владимир Перев

1.  Дата центрите кои ги најави Мицкоски, за само неколку часа станаа главна тема како информација и разговори, како по сите македонски телевизии, портали и медии, така и во обичните кафеански муабети кои ги водат луѓе кои речи си прв пат се среќаваат со терминот “Дата центри“. Веднаш се говори за цената на струјата која “сите ние“ ќе ја плаќаме, за недостигот од вода за нас, а онаа која ќе ја добиваме ќе биде млака, подгреана и неупотреблива. Нормално, сите говорат за тоа КОЈ ќе ги ползува бенефитите од дадените концесии за дата центрите, додека граѓаните “ќе плаќаат повисоки сметки за струја и претоплена, неупотреблива вода. Сите знаеме дека тоа се празни муабети, бенефитот ќе го има власта, најмногу првиот на власта а потоа сите други по пирамидата на која успешно (барем до сега) се наредени. Тоа е барем јасно. 

Давањето на концесија на Дата центрите, Мицкоски го кажа на свој начин, онака како што правел и до сега. Со изнесување на факти, со некултурна артикулација која говори за недостиг на воспитание, со тивко заканувачки тон и со јасна доза на презир кон оние кои поинаку мислат – се мисли на Втората партија. Тоа е неговиот стил, неговите говорни навики и неговиот однос кон блиските-на тоа треба сите да се навикнат, пред сѐ неговата околина. Затоа што кога тој “ќе ги реши непријателите, ќе се сврти на пријателите“. Тоа е аксиом за секој автократ и неговата околина тоа треба да го знае. 

Но има една вистина. Дата центри треба да има секоја држава која држи барем малку до себе и за тие центри да даде, издвои и одредени ресурси. Дата центрите се една од ретките работи за кои Премиерот е во право и за кои треба безрезервно да биде поддржан. Во тој свет “на Облакот“ ќе се решаваат судбините на народите, а малите народи, како нас, треба да имаат свои, релативно добро средени ресурси. Смешно изгледаат дискусиите на некои луѓе чија главна тема е дека “премиерот и неговите ќе заработат на нашата мака и земјишните капитали“, а тие самите не знаат од каде ќе дојде печалбата на премиерот. Како и би знаеле, кога сеуште работат на мобилни Нокиа со копчиња. Впрочем, нека Премиерот ја воздигне Македонија технолошки, па и нека заработи, заслужил! Во оваа корумпирана земја секој портир во некое министерство, заработил повеќе од секој инженер на работа во фирма, без разлика дали е приватна или државна. 

2. Интересно е зошто многу од обичните луѓе (ги исклучувам партиските личности) му се вдадоа на Премеирот за технологијата која не ја разбираат, а немаат храброст да му постават некои други, витални прашања, кои добро им се познати. Што прави Мицкоски на редовните средби со националистот и антиевропеец, продолжената рака на Путин на Балканот, српскиот премиер Вучиќ, за што говорат и што ни готват како „визија за иднината“. Дали сеуште Премиерот мисли да ја воведува Македонија, оваа Севернава, во оној ретрограден и со фашистички примеси Српски свет, познат по своето слуганство на Путин, на некаква сесловенска и серуска идеја и на слуганство на фашизираната Руска православна црква. До кога во своите редови ќе трпи (и ќе ги прави министри и раководители) прононсирани српски националисти со сериозни врски во “рускиот“ разузнавачки свет, со конкретни задачи против Европската Унија, кон која ние толку многу теженееме. Мицкоски да ги објасни врските со Додик, една во суштина маргинална балканска персона, да објасни дали се разработува концепција “Северна Македонија никогаш да не влезе во ЕУ, барем не пред Србија“, за потоа да биде предадена на руската солдатеска и служби. Ете, тоа треба да прашаат оние со телефони на копчиња, бидејќи тие одлично се сеќаваат на нашето минато, на односите со Србија и Шешељ и на нивната визија за нашата “независност“. 

Македонскиот човек (од сите нации и етникуми) треба да го праша Мицкоски до кога мисли да прави прослави на “победите“ на српската кралска армија, во која тие нас “не ослободиле“. Да каже од кого нѐ ослободиле тие вообразени српски офицери, дали не слободиле од нас самите, дали не ослободиле од нашите предци, европски интелектуалци, селски војводи и комити, паднати во борбата баш против таа “кралска солдатеска“, дојдена неповикана кај нас! 

3.  Мицкоски треба да каже до каде може да оди неговото самопонижување пред белградската националистичка и антимакедонска политика на српската елита. Да каже дали чувствува некаква вина, грижа на совест заради лудата српска идеја, Македонија да остане во руската сфера на влијание и надвор од европските фондови и правни институции. Или се надева дека “Европската унија ќе се распадне“, како што тоа го говорат некои од кафеанските простаци. Ако ЕУ се распадне, тешко на Северна, нема да ја спаси ни “периметарот на Трамп…сите други околу нас ќе опстојат и ќе го најдат својот пат. 

Ете, тоа се прашањата на кои Премиерот треба да одговори. 

За она за Дата центрите, не го прашувајте, тој си ја знае таа работа и нека ја истера до крај. Тие ни се потребни. 

Слични Објави