Дождот во Скопје не ја изгаси „Дрисла“
Дождот што ја зафати скопската котлина, не помогна за гасењето на големиот пожар на депонијата „Дрисла“ и истиот останува активен. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, посочи дека и претходните денови биле истурени огромни количини вода врз депонијата, но чадот и понатаму продолжува да се шири:
„Вечерва и во текот на ноќта продолжуваат активностите за затрупување на депонијата, а рано изутрина ќе бидат засилени,“ најави тој.
Жителите од Аеродром, Ново Лисиче, Драчево, Кисела Вода и Центар веќе со денови се жалат на неподнослива смрдеа на изгорена гума и густ чад. На социјалните мрежи тие споделуваат видеа и фотографии, барајќи итна интервенција од институциите. Ангелов дополнително објасни дека силниот ветер го променил правецот и чадот директно стигнал до градот.
Премиерот Христијан Мицкоски се обиде да ги смири граѓаните, наведувајќи дека засега параметрите на воздухот не покажуваат алармантни вредности:
„Визуелно чадот изгледа загрижувачки, но параметрите на воздухот засега не покажуваат алармантни вредности,“ изјави тој.
Мицкоски најави дека по изборите ќе се работи на модернизација на „Дрисла“ преку јавно-приватно партнерство, со цел изградба на фабрика за енергија и поголема заштита од вакви инциденти.
