Дронови за медицински испораки и роботи за спасувачки мисии ќе бидат претставени на изложбата „Медикус, Денто, Галенија“ на Меѓународниот саем во Пловдив
На 30. издание на Меѓународната изложба „Медикус, Денто, Галенија“ во Пловдив ќе бидат претставени беспилотни летачки и копнени системи за медицината, логистиката и спасувачките операции, соопштија од Саемот. Изложбата ќе биде отворена денеска во Павилјон 2 на Меѓународниот саем во градот и до 24 октомври ќе ги претставува новитетите во медицината, стоматологијата и фармацијата, јавува БТА.
Најавените технолошки решенија се дело на компанија од Пловдив и ги покажуваат можностите на технологиите кога брзината и пристапот до медицинска помош се пресудни. Товарните дронови (Heavy Lifters), со носивост од 30 до 40 килограми, се наменети за пренос на лекови, медицинска апаратура и опрема до тешко достапни подрачја. Полесните дронови, со носивост од два до пет килограми, можат да обезбедат брза испорака на лекови, вакцини и биолошки примероци меѓу населени места, лаборатории и медицински центри. Копнените роботизирани платформи (ровери) овозможуваат автономен или далечински управуван транспорт на потрошен материјал и опрема. Тие можат да помогнат и при евакуација на повредени лица од опасни зони, без да ги изложуваат спасувачките екипи на ризик. Меѓу перспективните решенија се и концепти за беспилотни воздушни амбулантни возила за ситуации во кои секоја минута е важна.
Изложбата обединува производители, добавувачи и стручњаци од здравствениот сектор околу актуелните решенија за дијагностика, лекување и закрепнување на пациентите. На изложбата учествуваат етаблирани и нови компании од Бугарија и од странство, вклучително и од Романија, Турција, Италија и Кина.
Во изложбениот простор стручњаците ќе најдат современа медицинска и стоматолошка апаратура, опрема и потрошен материјал за ординации, лаборатории и центри за рехабилитација, како и дигитални решенија за управување со медицински и стоматолошки ординации.
