Држава на 35 години уште живее кај родителите
Мартин Богатиноски/Слободен печат
Македонија наскоро ќе наполни 35 години. Тоа е возраст на која човек обично веќе има работа, кредит, две дискус-хернии и омраза кон прашањето: „А кога второ дете? Нашата држава, пак, на 35 години сè уште се бара себеси. Исто како млад човек што завршил факултет пред десет години, работел шест месеци во маркет, девет месеци во општина преку партија и сега размислува да оди во Германија кај братучед му.
На роденденот ќе има говори. Ќе се каже дека сме древна земја, млада држава, стратешки партнер, фактор на стабилност и сигурен патник кон Европа. Толку сигурен што 25 години стоиме на истата автобуска станица и го прашуваме возачот дали автобусот за Брисел веќе поминал.
Возачот ни вели: „Сега ќе дојде. Чичкото го фарба“.
И така „нѐ фарбаат“ од 2005 година.
Јас сум роден во самостојна Македонија. Немам спомен од референдумот, од југословенските динари, од повлекувањето на армијата, од првото знаме, од првите дипломатски битки. За мене лично, како сакате сфатете ме, независноста не е историски настан.
Тоа е нешто како старата комода во дневната соба. Отсекогаш била тука. Никој не ја фрла затоа што е „наша“, иако фиоките не се затвораат, едната ногарка е потпрена со весник, а внатре се чуваат сметки од 1997 година.
Ни велеле дека самостојноста значи сами да решаваме за себе. И навистина решаваме. Самите решивме да имаме администрација во која за секој документ ти треба уште еден документ. Самите решивме директорот да биде „постручен“ од инженерот затоа што подобро лепел плакати. Самите решивме младите да ги школуваме бесплатно, за потоа бесплатно да им ги подариме на Австрија, Германија или на Словенија.
Ние сме хуманитарна држава. Извезуваме лекари, програмери, инженери, келнери…
А увезуваме половни автомобили, странски работници и нови ветувања.
Кога ќе прашаш зошто младите си одат, секогаш се наоѓа некој функционер да објасни дека миграцијата е глобален процес. Тоа е точно. И дождот е глобален процес, ама ако ти протекува покривот 35 години, проблемот веројатно не е во облакот.
На млад човек денес му велат дека треба да биде трпелив. Прво да заврши факултет. Потоа да стекне искуство. Потоа да почека конкурс. Па да најде човек. Па да не биде пребирлив. Потоа да работи за минимална плата. Потоа да земе кредит на 30 години. Па да основа семејство. И да не се жали.
Кога ќе наполни 40, државата ќе го повика да се врати од странство.
„Сега има услови“, ќе му кажат.
И не е точно дека ништо не сме изградиле. Изградивме прекрасен систем на оправдувања. Секоја власт наследува катастрофа, владее неколку години и на следната ѝ остава уште поквалитетна катастрофа. Тоа е нашиот најголем и највидлив успех.
Едните велат дека виновни се претходните. Претходните велат дека сегашните не знаат како треба да се работи. Сегашните велат дека треба време. А народот вели дека нема време и купува билет во еден правец.
Во меѓувреме, државата организира стратегии за задржување на младите. На трибина, во климатизирана сала, шестмина луѓе над 60 години разговараат зошто 25-годишниците си заминуваат.
Заклучокот обично е дека младите немаат трпение.
Можеби навистина немаме трпение. Триесет и пет години се краток период за историјата, но се половина живот за еден човек. На државата ѝ е дозволено да каже дека транзицијата трае. На човекот не му е дозволено да има транзициска младост до пензија.
И сепак, чудно е, оваа земја сепак си ја сакаме. Ја пцуеме наутро, ја браниме напладне, а навечер бараме евтини летови за да ја напуштиме. Тоа е сложена врска. Како брак во кој двајцата одамна знаат дека нешто не е во ред, но заедно отплаќаат кредит за свадбата.
Но, да бидеме искрени, на 35 години Македонија не е целосно пропадната држава. Таа е држава со огромен неискористен потенцијал, заробена меѓу партиски книшки, семејни врски, историски кавги и свечени говори.
Има талентирани луѓе, вредни работници, пристојни професори, чесни лекари и млади што сè уште сакаат да останат. Само што државата упорно ги тестира колку навистина го мислат тоа. И колку долго можат да издржат.
Затоа, за 35-тиот роденден не ни требаат концерти, свечени академии и говори за историски успеси. Доволно е само некој да ја отвори вратата на државата и да провери уште колку луѓе останале внатре.
Зашто, ако младите продолжат да заминуваат, Македонија конечно ќе стане целосно независна. Независна од граѓани. Независна од иднина. Независна од смисла. А тогаш нема да биде важно кој е на власт.
Ќе останат само тие што ја воделе државата, за на празниот плоштад да си честитаат меѓусебно колку успешно ја сочувале.

