ДУБРОВНИК ТОНЕ КАКО ТИТАНИК

Пандемијата на коронавирус му нанесе сериозен удар на туризмот на Хрватска, дури и на оној во Дубровник, каде туризмот е примарна економска гранка.

Според податоците на Туристичкиот одбор на градот Дубровник, на 1 јуни 2020 година се регистрирани 86 пристигнувања и 316 ноќевања.

За споредба, истиот ден минатата година биле реализирани 6.747 пристигнувања, односно 18.481 ноќевања.

Претседателката на округот Дубровник, Николина Тројиќ, изнела конкретни бројки кога станува збор за загубите во туризмот.

„Според податоците на Даночната управа, од 24 февруари до 17 мај 2020 година, фискализирани се 78% помалку сметки отколку во истиот период во 2019 година, а вкупниот износ на тие сметки е помал за 63%“, рекла Тројиќ.

„Во секторот туризам, кој вклучува сместување, угостителство и туристички агенции, вредноста на издадените сметки падна за 92%“, додала таа.

Во градот каде што скоро секоја улица има свој угостителски објект, во моментов се отворени само околу 50 од нив, што вклучува кафулиња, ресторани и ресторани за брза храна. Покрај тоа, отворени се само седум хотели, пренесува дневниот весник „Дубровник“, кој ја карактеризира сегашната состојба со зборовите „Дубровник тоне како Титаник“.

Извор: makfax