|

Дурмиши, Меџити, Ганиу и Сали во посета на занаетчиите во Старата скопска чаршија

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, заедно со првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, со градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, и пратеникот Беким Сали, денеска ги посетија занаетчиските дуќани во Старата скопска чаршија.

Дурмиши ги информира занаетчиите за мерките за поддршка на занаетчиството во рамките на Министерството за економија и труд.

„Чест и задоволство ми е што денеска сум тука заедно со вас да ги посетиме занаетчиите во Старата скопска чаршија и лично да ги информирам за поддршката што Министерството за економија и труд ја дава за нив.

Занаетчиството е важен сегмент на нашата економија, а Министерството за економија и труд и Владата во наредниот период ќе продолжат со континуирана поддршка преку мерки и активности, кои се дел од политиките за развој и унапредување на занаетчитвото во државата“, рече министерот Дурмиши.

Министерот информира дека Министерството за економија и труд минатата недела го објави јавниот повик за поодршка на занаетчиството.

„Со оваа мерка е предвидено да се субвенционираат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање 40 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари од барател, направени зa набавка на нови машини или алати и дизајн на нов производ. За оваа мерка, во согласност со програмата за развој на претприемаштвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија предвидени се средства во вкупен износ од 6.500.000 денари од буџетот на Министерството за економија и труд, а субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци што занаетчиите ги направиле во 2023 и 2024 година. На јавниот повик може да се пријават активни регистрирани занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, да не е отворена стечајна постапка за нив, да немаат долгови кон државата и кон вработените, да работеле најмалку една година пред објавувањето на јавниот повик и да немаат добиено финансиски средства по јавните повици на Министерството за економија во изминатите три години“, рече Дурмиши.

Министерот информира дека во насока на развој и поддршка на занаетчиството, исто така Министерството за економија и труд минатата недела обајви и повик за поддршка на проекти на здруженија и занаетчиски комори за проекти во делот на организирање обуки за поединечни занаетчиски дејности и креативни занаети, организирање форуми, организирање промотивни активности и обуки за јакнење на свеста за придобивките од легализација на занетчискиот бизнис.
Јавните повици се објавени на веб-страницата на Министерството за економија, а занаетчиите и занаетчиските здруженија може да се пријават најдоцна до 1 октомври 2024 година.

„Сакам да ги повикам сите занаетчии од сите региони во државата да се пријават за поддршката што како Министерство за економија и труд им ја даваме. Како министер сакам да ги уверам дека нема да застанеме тука и дека и во иднина ќе креираме мерки и политики за поддршка на занаетчиите бидејќи занаетчиството е фактор за економски развој во нашата земја. Министерството за економија останува посветено и отворено за предлози што имаат цел развој на занаетчиството во Република Северна Македонија“, им порача министерот Дурмиши на занаетчиите.



Слични Објави