| |

Двете исклучителни гитаристки Брешкова – Трохарова ја освоија публиката

Извор: Нова Македонија

На „Меѓународниот фестивал Струмица“, во уметничката галерија на градот се реализираше третиот концерт од фестивалската програма. Фактот дека ова беше прв концерт со гитара на фестивалот од досегашните три изданија можеби беше причина за големата посетеност на концертот на дуото гитари од Бугарија (Божидара Трохарова и Цветалина Брешкова) и за желбата на струмичани да слушаат класична музика на гитара. Салонот на галеријата беше преполн со публика, а особено радуваше големата бројност на учениците по гитара од ООМУ „Боро Џони“.

Имаше што да се слушне од оваа дуо, кое ни дојде од соседна Бугарија. Дуото е составено од две исклучителни гитаристки Брешкова – Трохарова со разлика во годините, но со заедничка висока зрелост во музицирањето. Тие се истакнати педагози од „Бугарската гитарска школа“ на млади таленти во познатото музичко школо „Пипков“ во Софија. Изведувачките одлично ја доловија нежната страна на гитарата и со феноменален став, држење, тон и интерпретација нѐ водеа низ различните стилови што беа застапени во програмата. Импонираа со својата сигурност, а потоа и со својата музикалност. Програмата ја започнаа со барокна музика, односно со генијалниот Ј.С. Бах и неговата Француска суита бр. 3, а особено беше фасцинантен начинот на кој успеаја да ги извлечат сите скриени теми во композицијата од великанот Бах. Таа прекрасна шареноликост во која секоја полифона линија ги добиваше потребниот динамички интензитет и изразност за да може да се доживее како фигура врз раскошниот фон на големиот барокен мајстор, беше чудесна. Програмата продолжи преку изведба на пиеси од Мауро Џилијани, Марио Цестелнуово-Тедеско, Енрике Гренадос и Мануел де Фаља – типично гитарска програма со која нѐ уверија дека и другите стилски композиции не претставуваат никаква пречка и дека и во нив знаат да ја откријат сета музичка убавина.

Како што течеше програмата, тензијата на одличната изведба на дуото гитари растеше, а презадоволната публика ги наградуваше со долготрајни аплаузи. Потоа следуваше познатата композиција како финале на концертот, односно „La Vida Breve“ од големиот гитарски композитор Мануел де Фаља, со што ги покажаа и своите витруозни способности и го заокружија фантастичниот едночасовен концерт, кој публиката како да го ислуша во еден здив, за што ги награди со громогласен долготраен аплауз. Дуото гитари возврати радосно и емотивно и ја поздрави публиката со изведба на едно од најпознатите гитарски дела „Вода и вино“ од познатиот гитарист и композитор Егберто Гисмонти, кое е напишано за соло-гитара, но во одличниот аранжман за две гитари ги допре и најнежните емоции кај секој посетител.

Васко Пиличев, професор по гитара



Слични Објави