Двојазичното издание „Кољо Фичето. Бугарскиот градителски гениј“ ќе биде претставено на Универзитетот за национално и светско стопанство во Софија
Двојазичното илустрирано издание „Кољо Фичето. Бугарскиот градителски гениј“ ќе биде претставено денеска во 14 часот во читалницата за наставниот кадар во библиотеката на Универзитетот за национално и светско стопанство (УНСС), соопшти прес-центарот на Универзитетот, пренесува БТА.
Изданието ќе го претстават авторите д-р Венелин Бараков и Стилијана Топалова-Марчовска од Историскиот музеј во Дрјаново, заедно со проф. д-р Пенчо Пенчев, раководител на Катедрата за политичка економија. Настанот е дел од „Универзитетската недела на книгата“ на УНСС.
„Кољо Фичето. Бугарскиот градителски гениј“ е двојазично, луксузно и богато илустрирано издание. Текстовите ги напишаа стручните лица од музејот. Дел од фотографиите се од архивата на Историскиот музеј во Дрјаново, а останатите ги направи тимот на туристичката платформа „Дестинација Дрјаново“.
Албумот е посветен на 225-годишнината од раѓањето на Никола Фичев и е дел од националната програма „(Не)познатиот Кољо Фичето“. Програмата ја организираат Историскиот музеј во Дрјаново и Општина Дрјаново, под покровителство на бугарското Министерство за култура. Авторите го претставуваат Фичев како градител, архитект, вајар и копаничар, творец со исклучително чувство за формата, деталите и убавината, кој бил пред своето време, посочуваат од УНСС.
Годинава 18 издавачки куќи ќе претстават свои изданија на десеттата „Универзитетска недела на книгата“, рече ректорот на УНСС, проф. д-р Димитар Димитров, на свеченото отворање на 2 ноември. Тој истакна дека иницијативата ги обединува универзитетската заедница, авторите, издавачите и читателите преку љубовта кон книгите и споделувањето на знаењето.
