|

Џафери се сретна со министерот за правда на Саудиска Арабија: ќе се зајакне соработката на повеќе нивоа

На денешната средба со министерот за правда на Кралството Саудиска Арабија, Валид бин Мухамед ал-Саман, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги поздрави досегашните добри и пријателски односи меѓу двете земји, ја нагласи потребата од интензивирање и зајакнување на меѓусебната политичка комуникација на секое ниво и истакна дека ваквите посети од високи претставници на Саудиска Арабија ќе бидат поттик понатаму за зајакнување на соработката на повеќе нивоа, особено на економски план.

Џафери исто така ја нагласи потребата од интензивирање и на парламентарната соработка и ги поздрави досегашните прифатени иницијативи од страна на Саудиска Арабија за потпишување повеќе билатерални договори во разни области. Џафери ја потенцира нашата стратешка определба како држава да бидеме дел од НАТО, што и го постигнавме, и полноправна членка на Европската Унија, во која насока сè уште работиме.

Ја осуди агресијата на Руската Федерација врз Украина и изрази надеж дека овие воени дејства што побргу ќе завршат. На средбата присуствуваше и потпретседателот на Собранието, Хусни Исмаили, кој воедно е и претседател на Парламентарната група за соработка со земјите од Блискиот Исток и Арапскиот Залив. Тој ги поздрави гостите и изрази надеж дека оваа средба ќе биде поттик за интензивирање на понатамошната соработка.

Министерот за правда на Кралството Саудиска Арабија, Валид бин Мухамед ал-Саман, се заблагодари на приемот и на средбата со претседателот на Собранието, Џафери. Ги пренесе поздравите од највисоките претставници од неговата земја и притоа ја истакна важноста на зајакнување и интензивирање на идната соработка меѓу двете земји. Тој притоа изрази уверување дека со потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу двете министерства за правда ќе се создадат добри основи за идна институционална соработка и носење регулативи во повеќе области од заемен интерес на двете страни.

На крајот сите заеднички се заложија да дадат личен придонес во зајакнувањето на идната соработка на секое ниво.



Слични Објави