| |

ЕДЕН ЗАГИНАТ ВО СООБРАЌАЈКА ПРЕД ТУНЕЛОТ КАТЛАНОВО НА АВТОПАТОТ ВЕЛЕС-СКОПЈЕ

Едно лице почина, а едно е полесно повредено во сообраќајка на автопатот Велес-Скопје, по што сообраќајот беше три часа во прекин. Сообраќајката се случи претпладнево околу 10 часот пред тунелот кај Катланово, кога автомобилот излетал од патот и удрил во банкината.

Прва на лице место беше екипата на Итната помош од Велес.

„Интервенирано е со едно возило и една лекарска екипа. На лице место е констатирана смрт кај лице возач, кое било на возраст од околу 60-тина години. Повредено е лице, жена на која ѝ е даден неопходната здравствена помош и е префрлена во Велешката болница“, вели д-р Васе Пановска, началничка на Итната служба од Здраствен дом Велес.

Од Велешката болница соопштија дека кај нив е донесена пациентка која минала со лесни телесни повреди.

„Околу 10:30 часот на одделот за хирургија од страна на Итната медицинска помош е донесена пациентката Д. С. на 89-годишна возраст од Прилеп, повредена во сообраќајна несреќа. Пациентката добила лесни телесни повреди на главата и на десна потколеница. Задржана е на опсервација на Одделот за хирургија при ЈЗУ Општа Болница-Велес“, кажа д-р Елоенора Јованова, портпаролка на Општа Болница Велес.

Поради сообраќајката, од 10 до 13 часот кога се вршел увид на местото на настанот автопатот Велес-Скопје беше затворен за сообраќај, па возачите мораа да патуваат преку новиот автопат Штип-Скопје. Во првите половина час, бидејќи немаше информација дека автопатот е затворен за сообраќај, огромна колона возила беше на наплатна рампа Отовица, близу Велес.

Причините за сообраќајката ќе бидат познати по извршениот увид од МВР.



Слични Објави