Еду Центар со поддршка од Бугарската помош за развој ја промовира Сугестопедијата во РС Македонија
Во време кога сè повеќе се зборува за потребата од современи и креативни пристапи во учењето, во Македонија постепено се отвора простор за методологии кои одамна успешно се применуваат во Европа. Една од нив е Сугестопедијата – пристап кој преку позитивна атмосфера, музика, комуникација и интерактивни техники овозможува полесно и помотивирачко учење.
Токму оваа методологија беше во фокусот на проектот што го реализира Еду Центар, финансиски поддржан по Програма Бугарска помош за развој наменета за РС Македонија на Министерството на надворешни работи на Република Бугарија, преку Амбасадата во Скопје, а кој во изминатиот период предизвика значителен интерес кај наставниците и стручната јавност.
Во рамки на првата етапа од проектот беа обучени повеќе од 60 наставници и околу 40 учесници од сферата на неформалното образование. Но, интересот не застана тука. Сè повеќе родители, логопеди, едукатори и професионалци кои работат со деца сакаат да се запознаат со методологијата и нејзината практична примена.
Она што особено охрабрува е фактот што обучените наставници веќе започнале да ги применуваат техниките во својата секојдневна работа. Токму тие искуства ќе бидат споделени на претстојниот настан „Сугестопедијата како современ пристап во учењето“, кој ќе се одржи на 27 март во 17 часот во Салон 19:19.

Настанот ќе го води Тајана Алексиќ, а во рамки на панел-дискусијата ќе учествуваат Бојана Петровска, Цветанка Бурзевска и Соња Кипровска, кои ќе зборуваат за практичните искуства од примената на Сугестопедијата, предизвиците со кои се соочуваат наставниците и ефектите што ги забележуваат кај учениците.
Наместо класична теоретска презентација, посетителите ќе имаат можност да слушнат конкретни примери од училниците и да видат како современите методи можат да создадат поопуштена и мотивирачка средина за учење.

Поради големиот интерес и позитивните резултати, веќе е формирана и нова група од 30 наставници и стручни соработници, кои ќе го продолжат патот на Сугестопедијата во Македонија. Целта е методот постепено да најде место во училиштата, градинките, па дури и во програмите за едукација на возрасни и корпоративни тимови.
Од Еду Центар најавуваат и нови активности насочени кон развој на Центар за обуки за Сугестопедија, изработка на прирачник за наставници, како и воспоставување соработка со школата за Сугестопедија во Софија.
„Нашата мисија е едноставна – да покажеме дека учењето може да биде радосен процес, а не обврска. Секој ученик, секој човек, заслужува да го открие својот потенцијал во средина полна со љубопитност и љубов кон знаењето“, велат од тимот на Еду Центар.

