|

Османи: Влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам менталитетот на „не можам“

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција истакна дека неговата цел е да ја промени, како што рече, „дводецениската матрица на управување“ со општината, обележана со изговорот „не можеме“.

Османи порача дека неговата кандидатура не е насочена против поединци, туку против менталитетот на немоќ и апатија што го кочи развојот на Чаир веќе дваесет години.

„Имало многу ветувања, но секогаш по нив следело ‘не може’. Веќе 20 години една група ни наметнува размислување дека ‘ние не можеме’, дека тоа ни е судбина. Јас влегов во оваа трка не за да заменам личност, туку за да го скршам тој начин на размислување“, рече Османи.

Тој потенцира дека промената што ја предлага не е само инфраструктурна, туку и ментална и политичка трансформација на општината, со јасна визија за нејзината иднина.

„Во секоја институција каде што сум работел, сум го предизвикувал ставот дека ‘не може’. И во процесот на преговори за името, за членството во НАТО и за официјализирањето на албанскиот јазик, сите велеа ‘не може’. Но храброста е таа што носи промени“, додаде Османи.

Клучниот проект во неговата програма е „Плоштад Лирија“ со подземна сообраќајница, кој треба да го реши најголемиот инфраструктурен проблем на општината и да ја претвори во модерен и функционален градски центар.

Според Османи, подготвителните активности веќе се започнати, со планирани средства од Европската Унија, Владата, Град Скопје и општинскиот буџет, со цел да се обезбеди стабилно финансирање на проектот.

„Овој проект ќе го скрши менталитетот на ‘не може’. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, заклучи Османи.

Слични Објави