|

Ефтимов: Измените за судиите и јавните обвинители да бидат тргнати од Законот за работни односи

На Комисијата за труд и социјална политика денеска се наоѓа Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, поднесен од група пратеници од парламентарното мнозинство. Се работи за низа измени кои според Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се крајно проблематични и дискриминаторски, изјави Дајанчо Ефтимов, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

„Со измените се предвидува на судиите и јавните обвинители да им се овозможи работниот однос, односно мандатот да може да се продолжи од страна на Судскиот совети и Советот на јавни обвинители и по 64 години за мажи и 62 години за жени, до наполнување на 67 години возраст на судијата или јавниот обвинител. Со овие измени се отвора можност за класификација на судиите и јавните обвинители на подобни и неподобни, послушни и непослушни, како и можност за уште поголема и подлабока партизација на судството“, рече Ефтимов.

Според стандардите на Европската Унија, вели тој, бројот на судии во однос на бројот на население во Македонија е голем.

„Дополнително, сите овие измени за судиите и јавните обвинители во овој закон, СДСМ се обидува да ги протне во сенка на измените кои се однесуваат на недела неработен ден кои се дел од истиов предлог-закон и каде се направени измени кои што ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ посочувавме уште кога се носеше законот.

Овие игри на СДСМ и ДУИ не се првпат и во овој случај кога функционира активната блокада од ВМРО-ДПМНЕ, измените кои се однесуваат за судиите и јавните обвинители се обидуваат да ги протнат преку измените за недела неработен ден“,обвини Ефтимов.

Тој најави дека ќе ги блокираат сите законски решенија коишто се штетни за граѓаните и државата.

Бараат измените кои се однесуваат за судиите и јавните обвинители да бидат тргнати од овој предлог-закон, со што, како што рече, како пратеничка група ќе дадат придонес за измените кои се однесуваат за недела неработен ден.



Слични Објави