ЕК Со свој придонес за претстојниот министерски совет на ЕУ за енергија

/

Како подготовка на вонредниот Совет на ЕУ за енергетика закажан за 9 септември 2022 година, шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен и нејзината екипа подготвија „нон-пејпер“.

Земјите-членки се согласија во март 2022 година постепено да ја укинат зависноста на ЕУ од руските фосилни горива, а истовремено да ги зголемат инвестициите во обновливи извори и да ја намалат побарувачката на енергија. ЕУ од почетокот на војната работи на диверзификација на испораките на гас од Русија, ангажирајќи се со меѓународни партнери како што се САД, Норвешка, Алжир, Азербејџан, Египет, Израел и други.

Мерките на ЕК треба да ги ублажат сметките за енергија на потрошувачите и да ја забрзаат транзицијата на чиста енергија во согласност со Европскиот зелен договор, да го зачуваат внатрешниот пазар и неговите придобивки за сите земји-членки, да обезбедат сигурност во снабдувањето и да не доведат до зголемена потрошувачката на гас. Истовремено тие треба да бидат едноставни за спроведување, а притоа да бидат доследни на долгорочните реформи кои се потребни во европскиот енергетски систем, особено на пазарот на електрична енергија.

Со оглед на сериозните тешкотии што се појавуваат во снабдувањето со енергија, ЕК ќе предложи мерки во духот на солидарноста меѓу земјите-членки. ЕК на масата на министрите за енергија на ЕУ ќе стави пет итни мерки за да им помогне на домаќинствата и бизнисите да се справат со енергетската криза, вклучително и придонес од производителите на енергија, како и ограничување на цената на рускиот гас. Претседателката Урсула фон дер Лајен изјави дека ќе предложат солидарен придонес за компаниите за фосилни горива и ограничување на приходот на компаниите што произведуваат евтина електрична енергија, како што е случајот со обновливите извори на енергија.

„Изворите на енергија со низок јаглерод заработуваат огромни приходи кои не се одраз на нивните производствени трошоци. Сега е време потрошувачите да имаат корист од ниските трошоци за ниско-јаглеродните извори на енергија, како што се обновливите извори. Затоа, ќе предложиме да ги пренасочиме овие профити за поддршка на ранливите луѓе и бизниси“, објасни таа. „Истото важи и за неочекуваните профити од компаниите за фосилни горива.

Нафтените и гасните компании исто така остварија огромни профити. Солидарниот придонес што ќе се бара треба да го искористат земјите-членки за поддршка на ранливите домаќинства и инвестирање во чисти и локални извори на енергија, додаде фон дер Лејен.

ЕК исто така ќе предложи ограничување на цената на рускиот гас. Целта не е толку да се влијае на пазарните цени колку да се лиши рускиот претседател Владимир Путин од дел од приходите што ги користи за да води војна во Украина, вели ЕК.



„Треба да ги намалиме приходите на Русија што Путин ги користи за финансирање на оваа страшна војна против Украина“, рече таа.

ЕК предлага интегриран сет на итни интервенции. Како паметни заштеди на електрична енергија преку координирани напори за намалување на максималната побарувачка на електрична енергија ќе ја намалат вкупната потрошувачка на електрична енергија во ЕУ и помало користење на гас за производство на електрична енергија, пониски цени на големопродажбата на електрична енергија и пониски цени за потрошувачите. Потоа, ограничување на приходите на инфра-маргиналните производители на електрична енергија (зн: централи со низок маргинален трошок како производители на нуклеарна и обновлива енергија) кои работат со технологии што носат неочекувано високи профити во сегашниот контекст на високи цени.

Третата мерка е солидарниот придонес и се однесува на извонредно големите профити кои се трупаат од високите цени за компаниите од фосилниот сектор. Примената на придонесот за солидарност за сите компании во секторите на нафта, гас и јаглен ќе ја надополни мерката за ограничување на инфра-маргиналниот приход, предвидува нон пејперот. Четвртата мерка е насочена кон обезбедување ликвидност на финансиските пазари за енергија. Петтата мерка е намалување на цените на бензинот. Европа во голема мера ги презема цените на гасот со кој се тргува на глобалниот пазар.

Воведувањето строга граница на цената на течниот природен гас (ЛНГ) повлекува ризици за безбедноста на снабдувањето, пренасочувајќи ги испораките во други региони. Во исто време, Европа се соочува со предизвик за глобална конкурентност поради високите цени што треба да ги плати за обезбедување на испорака на ЛНГ. Енергетската платформа на ЕУ треба да има мандат да преговара за пониски цени и да обезбеди снабдување, нудејќи долгорочна перспектива со постепена транзиција кон обновливи извори на енергија, особено зелен водород. Исто така, треба да истражат други начини за да се избегнат значително повисоките цени на ЛНГ за Европа отколку во другите делови на светот, како што е Азија, вели нон пејперот на ЕК.

Некои земји членки веќе го кажаа нивното мислење за дел од овие мерки. Белгија смета дека овие мерки се „добар чекор напред“, но „јасно е дека не е доволно и нема да биде доволно“. Белгија и Франција поддржуваат интервенција (ограничување) на цената на гасот како целина. Тоа значи дека на Гаспром треба да му се понуди пониска цена. Но, тоа може да доведе го стави во опасност европското единство. Словачка и Чешка зависат од протокот на гасоводот низ Украина. Чешкиот министер за трговија и индустрија ја критикуваше идејата за ограничување на цената на рускиот гас: „Ова не е конструктивен предлог. Ова е еден вид санкција против Русија а не вистинско решение за енергетската криза во Европа“, рече Јозеф Сикела. А Унгарија би можела да продолжи да добива гас преку Србија од гасоводот Турски тек. Ниту Германија не е убедена во ефикасност на ограничувањето на цената. Сето тоа најавува интересна и веројатно тензична дебата помеѓу министрите за енергија на 9 септември во Брисел.

Извор: makpress.mk

Претходна статија

Лиз Трас претставува план за справување со енергетската криза

Следна статија

Внук на војводата Аргир Манасиев порачува: Многу скоро ние и Бугарите во РС Македонија ќе го живееме животот за којшто се бореа дедо ми и неговите другари

Најново од Вести