Економско, инфраструктурно и енергетско поврзување за повеќе инвестиции во регионот
Искористување на поединечните потенцијали на земјите од регионот, но и нивно економско, инфраструктурно и енергетско поврзување за привлекување повеќе странски инвестиции е пораката што беше упатена на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), јавува ТВ24. На самитот учествуваа премиерите од Регионот, меѓу кои и македонскиот премиер Зоран Заев.
Идејата на иницијативата е да ги понуди потенцијалите на регионот, но и на секоја земја одделно, во рамки на нивните обединети капацитети, како ресурс и како пазар од над 20 милиони жители.
Во однос на енергетското поврзување, премиерот Заев нагласи дека Република Македонија ќе соработува со сите земји во регионот на ова поле. Информираше дека на Самитот покрај за енергетско, се разговарало и за железничкото поврзување и патното поврзување, но и за можностите да се пуштат и оптички кабли заради дигиталната агенда и поврзаноста на регионот.
