ЕУ бара гаранции за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина пред средбата Трамп–Путин во Алјаска
Зaчувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина се врвен приоритет, во кој Европската унија се обидува да го убеди Доналд Трамп пред неговата претстојна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во петок.
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, денес свика вонредна онлајн средба на министрите за надворешни работи на земјите членки. Причината – загриженост дека Трамп и Путин би можеле да ѝ наметнат на Украина територијални отстапки во замена за прекин на руските напади.
„Киев и Европската унија мора да бидат дел од процесот на донесување вакви одлуки, затоа што тоа ја засега и нашата безбедност“, изјави Калас. На состанокот учествуваше и украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха.
Премиерот на Полска, Доналд Туск, порача дека промената на државни граници со сила е недозволива и дека Русија не смее да биде наградена за својата агресија. „За територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина не станува збор само за солидарност со соседот, туку и за нашата сопствена безбедност“, истакна Туск, додавајќи дека евентуалните решенија мора да бидат донесени со учество на Украина.
