| |

Во Босилеград започна првото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Оро се вие“

Со свечена церемонија, дефиле и богата концертна програма во Босилеград на 29 јули беше отворено првото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Oро се вие“. Манифестацијата, организирана од Општина Босилеград и Центарот за култура „Босилеград“, ќе трае до 2 август и на една сцена ќе собере фолклорни ансамбли од Србија, Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора, јавува Гласпрес.

Фестивалот започна со традиционално дефиле на учесниците низ централните улици на градот, кое заврши со заедничко оро на главната крстосница. Официјалното отворање се одржа на сцената во училишниот двор, каде што учесниците и гостите ги поздравија директорот на Центарот за култура „Босилеград“, Воислав Божилов, и градоначалникот на Општина Босилеград, Владимир Захариев.

„Вечерва отвораме нов фестивал. Сакаме „Оро се вие“ да стане нешто повеќе од фестивал – место за нови пријателства, нови уметнички средби и симбол на Босилеград како град кој го чува своето наследство, но истовремено гледа кон иднината“, изјави Божилов.

Во текот на првата фестивалска вечер на сцената настапија седум фолклорни состави: Шопскиот ансамбл „Ради Радев“ од Елин Пелин во Бугарија, Скопскиот ансамбл за народни песни и ора, Културно-уметничкото друштво „Кирил и Методиј“ од Струмица во Северна Македонија, културно-уметничките друштва „Левач“ од Рековац и „Перваз“ од Трговиште, како и фолклорните ансамбли при Центарот за култура „Босилеград“ и Спортското друштво „Младост“.

Изведувачите го претставија богатството на народните песни, ора и традиции од своите региони, а многубројната публика ги награди со долготрајни аплаузи.

Концертната програма продолжува секоја вечер од 20 часот на сцената во училишниот двор. Пред концертите, учесниците продефилираат низ централните улици на Босилеград, додека секоја фестивалска вечер завршува со заедничко оро во кое се вклучуваат и изведувачите и публиката. Заедничкото оро е замислено како симбол на пријателството, единството и споделената почит кон фолклорното наследство на Балканот.

Слични Објави