|

ВМРО-ДПМНЕ: Нема веќе недопирливи и заштитени поединци под политичка закрила, почитувањето на законот и процедурите важи подеднакво за сите

Времето „како до сега“ заврши и тоа веќе се покажува на дело со конкретни примери, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое партијата нагласува дека почитувањето на законите и процедурите е правило кое секој мора да го почитува, а секој што ќе постапи спротивно, ќе се соочи со одговорност и правда.

Како конкретен пример, ВМРО-ДПМНЕ го посочува сега веќе поранешниот началник од Демир Хисар, кој, според партијата, експресно бил разрешен поради недолично однесување кон друго лице при извршување на работните задачи. Министерството за внатрешни работи, како што се наведува, не само што го разрешило функционерот, туку и јавно го осудило неговото непрофесионално и неетичко постапување, како и покренало дисциплинска постапка против него.

„Ова е јасен доказ дека не сме сите исти, дека пристапот е чесен, без отстапки и дека времето како до сега заврши,“ стои во соопштението.

Партијата потсетува дека, според нив, ваков пристап на неселективност и санкционирање на самоволието во времето на Зоран Заев, Оливер Спасовски и Али Ахмети немало. Тие тврдат дека тогаш биле процесуирани и апсени само политички неистомисленици, додека „криминалците, силеџиите и локалните шерифи“ блиски до СДСМ и ДУИ имале целосна заштита.

Во соопштението се наведува дека службите на Заев и Спасовски „покажувале сила и мускули“ исклучиво кон политичари од спротивниот табор, со апсења во раните утрински часови пред очите на малолетни деца, со влегувања во домови без судска дозвола и со политички терор врз семејствата на притворените.

ВМРО-ДПМНЕ наведува примери: случајот на Гордана Јанкуловска, која, според партијата, била одвоена од своето бебе доенче, иако возилото „мерцедес“ за кое била осудена подоцна го користел Заев; честите апсења на Миле Јанакиевски, на кого, како што тврдат, повеќепати му било упаѓано дома пред неговите малолетни деца; и случајот на Спиро Ристовски, кој бил тепан во затвор и врз кого, според нив, се изживувале и други затвореници.

„Тоа беа времињата на омраза, политички прогон и злоупотреба на институциите под палката на Заев, Спасовски и Ахмети кон секој кој не беше СДС или ДУИ,“ пишува во соопштението.

Партијата завршува со ставот дека „тоа време заврши“ и дека денес, согласно закон и процедура, секој кој ќе се огреши – без разлика на функцијата – ќе одговара.



Слични Објави