| |

Варна од 26 до 30 август ќе биде домаќин на 34-то издание на Меѓународниот филмски фестивал „Љубовта е лудост“

Меѓународниот филмски фестивал „Љубовта е лудост“ од 26 до 30 август повторно ќе се одржи во Варна, а неговото 34-то издание ќе понуди филмови од различни земји и жанрови, со љубовта како централна тема на натпреварувачката и придружната програма, јавува БНР.

За значењето на љубовта во филмската уметност, историјата на фестивалот и состојбата на бугарската кинематографија зборуваше Димитар Стојанович во емисијата „Киното од другата страна на екранот“ на програмата „Христо Ботев“ на Бугарското национално радио.

„Јас, сепак, како еден прикриен романтичар, сметам дека за осмислувањето на човечкиот живот не би можело да има нешто поважно од љубовта“, изјави Стојанович.

Според него, киното уште од своите почетоци ги истражува различните лица на љубовта – „во нејзината најстрасна, најстрашна, најмрачна и најсветла страна“.

Во разговорот беше посочена и историјата на фестивалот „Љубовта е лудост“, создаден по идеја на проф. Александар Грозев, како и потребата манифестацијата да се развива и да привлекува нова публика, без да ја губи врската со сопственото минато.

„Не треба да се заборава, треба да се пристапува со почит и да се оди напред и нагоре, знаејќи од каде си тргнал и во која насока одиш“, рече Стојанович.

Тој се осврна и на состојбата на бугарската филмска средина, нагласувајќи ја потребата од поголема жанровска разновидност, појасна визија за тоа какви филмови се создаваат и за каква публика, како и од долгорочно планирање на развојот на бугарското кино.

Посебно место во разговорот имаше темата за зачувувањето на историската и културната меморија.

„Меморијата е мојата голема битка, која ја водам како некаков Дон Кихот – едноставно да се сеќаваме, да знаеме, да го ставаме тоа на маса, да си ги признаваме грешките, да не ги повторуваме злосторствата што се случиле“, рече Стојанович.

Слични Објави