ЕУ ГИ ОСУДИ ПРОВОКАЦИИТЕ И РЕТОРИКАТА НА ТУРЦИЈА
Лидерите на ЕУ ги осудија „апсолутно неприфатливите“ турски провокации и реторика, но нема да преземат никакви конкретни активности пред нивниот самит во декември. Ова го изјави претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, цитиран од АФП.
Франција сака ЕУ да воведе санкции против Турција заради вербалните напади на турскиот претседател Ердоган против неговиот француски колега Емануел Макрон.
„Ние ги осудуваме неодамнешните еднострани активности (на Турција) во Источниот Медитеран, провокациите и реториката кои се целосно неприфатливи“, рече Мишел на крајот од вчерашната видео-конференција на европските лидери.
Односите меѓу Турција и Франција се влошуваат постепено од минатата година поради несогласувањата околу воените конфликти во Сирија и Либија и решавањето на споровите за областите богати со гас во Источниот Медитеран. Тензиите дополнително ескалираа по критиките на Ердоган кон Макрон, кој го бранеше правото да се цртаат карикатури на пророкот Мухамед.

