| |

ЕУ И БАЛКАНОТ

Европа повторно ги одложи преговорите за интеграција на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија.

Што да кажам? Ми се чини дека дури и обединета, „железна“ Европа заглави со драматичниот Балкан, та почна да покажува лесни знаци на вознемиреност, суптилно или не. Ама, пак, видливо е тоа за нас, Балканците. Толку сме чудни како Полуостров, се однесуваме небаре сме во „Шоуто на Труман“. Ама на свој, автентичен, начин! Си делуваме по некое наше, замислено, сценарио, ние сме си главни актери, си имаме своја акција, си водиме свој дијалог, заплет, (не)расплет. А жанрот ни е хибриден, има од сѐ по нешто, трилер, научно-фантастичен, драматичен, акционен, па и комичен стил. Си правиме „филм“ со законот, државата, приватната сопственост…Сакавме да си поиграме и со реформите и европското трпение, но, за среќа, надвор од Полуостровот, наидуваме на зрелост и умереност.

Во минатото сме си дозволиле да избереме државници за кои знаеме дека за малку ќе нѐ закопаа, нè фатија за рака и нѐ доведоа до работ на пропаста. Актери кои нѐ внесоа во една бедна сага која што не знаеме како да ја завршиме. Најстрашното од сѐ е што на овие актери сѐ уште им е „дозволена“ парадирачка улога на сцена. Колку и да ги обвинуваме и да не ги сакаме, колку и да си владееле по свое и да си поигрувале со народот, да биле вплеткани во бројни злоупотреби и неморал, толку сѐ уште ги „играме“ и им дозволуваме да се во стратешката група која ќе нѐ носи кон Европа. Која иронија! Со вакви деликвенти единствениот пат е кон диктатура, а не кон Европа! Какво одење во Европа со ликови кои сѐ уште го наоѓаат своето место по различни институции, поигрувајќи си со моќта што им била доверена, одлучувајќи во име на народот. Не, не, со такво извитоперено разбирање на демократијата од одредени поединци местото не ни е во Европа. Нема да бидеме она што го опишува Ноам Чомски во една своја мисла: „Најефективниот начин за да се ограничи демократијата е одлучувањето да се пренесе од јавната арена кон неодговорните институции: кралеви и принцови, свештенички касти, воени хунти, партиски диктатури или модерни корпорации“.

Има ли таков режим којшто го избира народот?! Никогаш! Под плаштот на демократијата, ни се случил режим каков што не сме можеле ни да сонуваме. Неичистените агресивни метастази од власта, кои јасно се гледаат, нема да нѐ одведат кон реформите.

Во мај годинава, Јоханес Хан, еврокомесарот задолжен за проширување на ЕУ, рече дека земјите-членки во јуни ќе одлучат околу започнувањето на преговорите. Според него, како што рече тогаш, Северна Македонија и Албанија имаат причина да се надеваат дека по изборите за Европскиот парламент ќе започнат разговорите за пристап во ЕУ и дека ќе има позитивни препораки за двете земји.

Но, ете, Балканот знае да ја збуни дури и ЕУ. Парадокс достоен за научно проучување е фактот дека токму срцето на Европа, Балканот, не знае да признае дека може да има нормален живот!

Но, бидејќи, од илјада и една причина, спокојството лежи некаде во Брисел, би побарал ЕУ да нѐ третира онака како што сме, како народи со трауматична историја, со последици од тешки режими што не исчезнуваат туку така лесно. Не е дека намерно доцниме со спроведувањето на реформите. Едноставно, не сме навикнати да го бараме најдоброто од себе.

Да се молиме за трпеливоста на Европа и нејзиното разбирање. Кон нас треба да се однесуваат како кон пациенти кои што страдаат од одредена болест и потребен им е лек. Си ја дозволувам оваа симболика и како лекар, невролог, кој знае дека човековата конструкција на реалноста е склона кон самоизмама. На еден или друг начин, сите сме измамени од сопствениот ум и секогаш го гледаме она што сакаме да го видиме.

Но редно е да се ослободиме од демоните на политичките и диктаторските игри кои царувале со нашите умови. Редно е да прифатиме дека работата посветеноста, коректноста и дисциплината, меѓусебна почит и уважување, еднаквоста пред законот и неговото спроведување е она што ни треба! А наградата за тоа ќе дојде самата по себе.

Европо, потребна си ни! Помогнете ни да се исчистиме, освестиме и приклучиме. Вашата мала поддршка може да оствари еден голем сон! Си требаме едни на други.

Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар



Слични Објави