| |

ЕУ интеграциите, цензурирана тема

Facebook статус на Никица Корубин

Потребен беше точно еден ден, текстот во грчки Катимерини да се преведе и селективно да се пренесе во македонските медиуми. Почнувајќи од државната агенција, па чат пат пренесено, селективно нормално, во само некои медиуми. Главно, за текстот, која се занимава со исклучително битната тема за нашата евроинтеграција, владее целосен молк. На страна што оваа информација сигурно била и е достапна на поширок круг луѓе: од државни функционери, преку невладин сектор, до медиуми. А, сепак сите решаваат да ја скријат.

Што всушност вели нашата “цензура”? Ни’ кажува за моменталната блокада на Албанија од страна на Грција, поради случајот со градоначалникот на градот Химара, односно неговото апсење за време на локалните избори во Албанија, од пред неколку месеци, инаку со грчко потекло. Па, веста вели”

“Грција не се согласи со писмото на 27 земји членки на ЕУ за отворање на првите поглавја со Албанија. Можна причина за ова е апсењето на градоначалникот на Химара, Фреди Белери, кој е етнички Грк по што Атина обвини дека неговите права се кршат, додаваат медиумите.”

И само ова да е веста што текстот ја обработува е исклучително индикативна, за нашиот заеднички пат со Албанија, затоа што одиме во евроинтегративниот процес заедно, па се’ досега ние бевме потенцијалниот проблем со одбивањето за исполнување на условите од преговарачката рамка, и внесување на Бугарите во уставот. Ова е целосно нова ситуација, која барем заслужува една “дебатна” емисија, или барем некој уреднички прилог, на нашите национални медиуми. Не? Ништо?

Тешко е се чини да се откажеме преку ноќ од внимателно градената позиција на “жртва и проблем”, па уште надграден со “бугарски диктат”, па уште да дискутираме за само-саботирањето на “пријателот” од Отворен Балкан, кој патем речено беше прилично активен во продлабочување на македонско-бугарскиот спор, кога и да имаше шанса за тоа. Шеговито, се разбира.

Но, текстот тука не запира. Напротив, продолжува да говори за нас. Интегрално и оригинално, вели вака:

“While a way forward for the negotiations on this chapter with North Macedonia was found, because Bulgaria agreed to the compromise offered by the Spanish presidency, this did not apply to Albania.”

А, преведено на македонски, вака:

“Иако беше пронајден начин за преговори за ова поглавје со Северна Македонија, бидејќи Бугарија се согласи на компромисот што го понуди шпанското претседателство, тоа не се однесуваше на Албанија.”

Дел кој патем речено целосно отсуствува од преведениот и селективно пренесениот текст на државната агенција, и на неколкуте други кои го “пренесоа, за нешто што, патем речено, се однесува за нас самите. Апсурд? Со оглед на целиот “медуимско/партиско/клановски” амбиент, цела година и половина, повеќе би одговарал описот “тенденциозно неинформирање”. Со шмек на класична цензура.

Инаку, оваа реченица крие најмалку три битни нешта: прво, Бугарија која нели на патот на преговорите “ќе не блокирала на секој чекор” уште на почеток, веднаш, се согласила на компромис, и покрај тоа што уставните измени се уште не се поминати. Второ, постои “компромис” на актуелното шпанско претседателство, за непречен тек на преговарачкиот процес, додека мазохистички се самоблокираме. И, на крајот, трето, значи Северна Македонија, на некој (не)формален начин, се движи низ преговарачкиот процес и покрај сета активирана “опозициона-позициона”, медиумска, невладина, аналитичка и секаква друга “машинерија” за блокада на евроинтеграциите, но и целосна информативна блокада на граѓаните.

Сега станува и појасен, интензивниот ангажман последните неколку денови околу тоа колку е “катастрофален” извештајот, пред се’ на медиумите, со нивните редовни “партнери”, невладиниот “европски” сектор, (не)информираната опозиција и молчаливата власт. Ниту еден, не ги информира македонските граѓани, за блокадата на Албанија и ниту еден не ги информира за неблокирањето и конструктивноста на Бугарија кон Северна Македонија, во оваа критична фаза.

Кој всушност го штити наративот за “бугарски диктат” во живот? Кому му треба приказната за “лошата Бугарија” и “неспособната ЕУ”? На опозицијата или/и на власта? Во одговорот на ова прашање се крие и одговорот на прашањето, кој ги блокира уставните измени, и иднината на државата?

Во меѓувреме, бидејќи со селективниот превод и пренесување на текстот од грчки Катимерини, ја легитимираа неговата веродостојност, и со неговата речиси целосна блокада во целокупниот медиумски простор, не е лошо на тема “цензура” да се произнесат и самите медиуми. Да се произнесе и власта, а и нивниот “омилен” ЕУ невладин сектор. Па, макар и со истата анти-европска реторика: каде баш сега најде Грција да ја закочи Албанија, Бугарија да биде благонаклона кон нас и на тој начин директно да не’ стави, како држава под притисок; “еве бујрум, ги имате сите услови за уставните измени”.

Односно, да ги стави “под притисок” сите кои одлучуваат топтан, и да ја разоткрие нивната заедничка “игра”, на дефакто блокирање на ЕУ интегративниот пат. Ќе им треба уште некој ден да се “прегрупираат”, ама маските се одамна паднати. Ќе мора малку да се вратат и на “клетите Грци”, да куртулат Албанците и Бугарите. Убаво велат “не им верувај на Данајците и кога дарови ти носат”, кога ваков подарок, односно информација ни’ дадоа. Нам на граѓаните, се разбира, затоа што очигледно цел естаблишмент е “затечен” од овој подарок. А, станува збор само за еден обичен текст …



Слични Објави