ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НИЗ ПЕРСПЕКТИВАТА НА СОРАБОТКА МЕЃУ ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР И ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ

Вести Истакнато Македонија

Во организација на Европското движење во РМ, Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА, Скопје и Здружението на финансиски работници од Велес, во рамки на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“ во Скопје се одржа меѓународна конференција на тема „Европската интеграција низ перспективата на соработка меѓу граѓанските здруженија и локалните власти“

На отворањето на Конференцијата говореа заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, претставничката од Делегацијата на Европската Унија, Ирена Иванова, претседателката на Европското движење Милева Ќуровска и националниот координатор на ЦЕИ, Јон Ивановски.

– Ова е период во кој што прогресивната јавност во Република Македонија, вклучувајќи ги и политичките претставници и претставниците на граѓанскиот сектор и воопшто граѓаните, направија и сеуште прават вонредни напори за ревитализација на евроатланските перспективи на државата и за членство во ЕУ и НАТО. Процесот на евроинтегрирање, особено со отпочнувањето на преговорите, неминовно бара соодветна општествена акција која што е невозможна без тесна соработка на сите нивоа на власт со граѓанскиот сектор. Во тој контекст, соработката на локалната самоуправа со граѓанскиот сектор се наметнува како имератив за демократско управување на локално ниво, рече заменик министерот Павлески.

Целта на конференцијата беше да се споделат добрите практики од Македонија, од регионот и од земјите од Европската Унија, за соработката меѓу граѓанските организации и локалните власти и улогата на ваквата соработката во процесот на европската интеграција.

На Конференцијата, своето искуство го претставија експерти и претставници на централната и на локалната власт, на граѓанскиот сектор, на меѓународни организации, претставници на академската и експертската јавност. На конференцијата учествуваат повеќе од 15 експерти од земјите-членки на Централно-европската инцијатива (ЦЕИ), како и од други држави.

Панелите обработуваа различни аспекти на соработка меѓу граѓанските организации и локалните власти, важноста на партнерствата во насока на подобрување на економскиот и социјалниот развој и препознавањето на европските вредности во локалните заедници.