„Европеизација“ со сталинистички методи

///

Пишува: Атанас Величков

Ако некој си мисли дека РС Македонија има расчистено со сталинизмот по 1948 г, (во тоа време како НР Македонија во склоп на ФНРЈ), најверојатно, тој некој е голем наивник. Наивник, кој не би можел да смисли, како во земја кандидат за членство во ЕУ, се создава комисија, извинете, се создава ад хок тело, што ќе дава мислења за поднесените барања да се регистрираат здруженија со историски личности во имињата. Целта на таа комисија наречена ад хок тело (за да не звучи толку комунистистички), е да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст.

Телото ќе функционира додека не се донесе новиот закон за здруженија и фондации. Во истиот закон, најверојатно јасно ќе биде наведено, имињата на кои историски ликови се дозволени и се разбира, кои ќе бидат забранети поради „контроверзност“ или пак „докажана соработка со фашистите“.

Со други зборови духовните потомци на џелатите на македонските Бугари, Албанците и другите народи, со закон ќе го регулираат правото на истите тие Бугари, Албанци и др, како да ги именуваат нивните граѓански здруженија.

Имињата на „докажаните соработници на фашистите“ како Иван Михајлов и царот Борис III ќе бидат ставени во црниот недозволен список.

Се поставува прашањето, зошто модерните проевропски социјалдемократи (синови, ќерки, внуци на пребојадисани сталинисти од 1948 па наваму), се служат со живковистички методи на контрола?

Нели Тодор Живков, за разлика од Георги Димитров, бил многу далеку од демократските вредности?! Нели живковизмот беше причина за ветото на Бугарија врз РС Македонија?! Нели руските интереси на Балканот се криеаја позади бугарските сопки за европската иднина на РС Македонија?! Нели Бугарија лечеше „санстефански“ комплекси?!

Какви комплекси лечи РС Македонија, која претендира дека е „Европа во мало“ и дека гради „едно општество за сите“?

На Бугарите во РС Македонија индиректно им се вели: Можете да си основате здруженија, но ако истите не се викаат „Георги Димитров“ или „Обнова“ (звучи ептен комунистички значи е дозволено), нема да можете да ги регистрирате, оти законот е дециден. Тие! „Внуците“ на Злате Билјановски и на Цветко Узуновски-Абас, ќе им кажуваат на „внуците“ на Радко, како смеат и како не смеат да ги именуваат сопствените здруженија. Онака како што доликува по европски терк. Се разбира не е важно тоа, дека здруженијата немаат устави со сепаратистички карактер како ОМО Илинден и нејзините производни во Бугарија. Не е важно и тоа, што членовите на тие здруженија се лојални граѓани на РС Македонија, важно е да им се забрани да ги именуваат своите здруженија на македонски Бугари, кои се бореле и го дале својот живот за Македонија.



Кој суд да речеме, ја докажа соработката на Иван Михајлов со фашистите? Покажете ја пресудата! Прави ли некој воопшто разлика, меѓу фашисти и нацисти и знае ли некој со што комунистите се поарни од првите и вторите во реченицата? Молк! Гаден комунистички молк! Европа? Европа нема никаква врска овде. Пресметката на внуците на партизаните, со внуците на комитите е во тек. На балкански начин, онака по сталинистички, „проевропските“ поранешни комунисти, воведуваат ад хок тела, познати во комунистичка Бугарија уште од златните години на социјализмот со својата безподобна цензура, на се’ што не се вклопува во болшевичката претстава за уметност. Радко бил контроверзен! Да не треба Бугарите и мокрача да даваат за да ја докажуваат својата неконтроверзност? Ако тоа е доказот дека РС Македонија се „европеизира“, подобро е да не го дочекаме моментот, кога повторно ќе се македонизира по теркот на бугарските предавници Гео Зајков и Асен Чаракчиев. Тогаш ни два залепени еден до друг Брисели, нема да можат да ни се изначудат на алот.

Вистината не може да се затвори. Таа продира! Се предава од уста на уста, се запишува. Таа може да биде навредувана и дефинирана со најразлични епитети, но не може да биде затворана или пак заборавена. Вистината се шири како смртоносна болест за проповедниците на лагата. Нив токму вистината ги плаши, оти таа е немирна и не може да се моделира.

Го чекаме списокот со дозволени имиња, господа „европеизатори“ на РС Македонија! Го чекаме и името на „добриот“ Бугарин што ќе го ставите во собраниска клупа откако ќе ги внесете Бугарите во Уставот. Тие комунистички финти ни се познати до болка. Но има еден тенок момент. Вашиот комунизам е застарен и не се вклопува во новите либерални, зелени, инклузивни и други модерности што го „тресат“ Западот. Тоа ќе ви се удри во глава. Тоа ќе ви биде најголемата сопка. Сопка, што можете да си ја именувате како што ви душа сака.

На 5 септември се навршија 32 години од смртта на Иван Михајлов. На 6 септември Владата на РС Македонија го формираше ад хок телото за употреба на историски личности во имиња на здруженијата. Некој наивник, како оној од почетокот на овој напис, можеби ќе си помисли дека во овој потег нема симболика. Но ќе остане разочаран!

Под плаштот на т.нар. европеизација на РС Македонија, се одвива последниот чин во борбата против оние, кои одбија да ги заборават своите корени. Борба, што ќе потрае и на крајот ќе биде добиена од таборот кој, нема да се потпира на остарените постулати на комунизмот, туку ќе предложи нешто ново и револуционерно. Нешто, што нема да има потреба да забранува имиња за да опстане. Македонизмот во неговата антибугарска форма е нешто што не може да функционира без контроверзността на другиот. Не може да „цвета“, без лаги и забрани. Деновите на македонизмот , како расистичка и шовинистичка идеологија се преброени. Неговиот крај можете да го именувате, како што ви душа сака. Македонските Бугари, ниту имаат можност, а Бога ми, ни желба, да прават ад хок тело по тоа прашање. Тоа си е ваша трагедија и неминовна судбина.



Претходна статија

На гости кај “Преспанската белвица и волкот„

Следна статија

РС Македонија празнува 31 г. независност

Најново од Истакнато