|

Европскиот парламент одобри визна либерализација за Србите од Косово

Европскиот парламент денеска одобри визна либерализација за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната управа на Србија, на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.

За извештајот на Немец, гласале 406 од 597 европратеници, 97 биле против, а 94 биле воздржани.

По гласањето во ЕП, последниот збор за овој предлог треба да го дадат министрите на Советот на ЕУ.

Претходно овој месец, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ се согласија со предлогот на ЕП и Советот на ЕУ за измена на регулативата за иматели на српски пасоши издадена од Координативната управа на Србија, со која се доделува визна либерализација на носителите на овие пасоши, пишува српската новинска агенција „Танјуг“.

Претходно, Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на ЕП на 9 април го усвои нацрт-извештајот за визна либерализација.

Целиот Западен Балкан ќе има ист визен режим за патување во ЕУ

Оваа одлука гарантира целиот регион на Западен Балкан да има ист визен режим за патување во ЕУ, објави тогаш ЕП.

Постои можност одлуката за визна либерализација за имателите на српски пасоши во Косово да почне да се применува до почетокот на летото.

Србите од Косово се единствените од Балканот на кои им е потребна виза за ЕУ

Србите од Косово и Метохија, кои поседуваат пасоши издадени од Координативната управа, која функционира во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија, се единствените на кои им е потребна виза за влез во земјите на ЕУ откако од 1 јануари годинава, беа укинати визите за граѓаните на Косово.

Во ноември 2023 година, Европската комисија предложи да почне постапка за вклучување на граѓаните на Косово, кои имаат пасоши издадени од Координативната управа на Србија, преку визна либерализација.



Слични Објави