Европскиот парламент со комеморација за 30-годишнината од геноцидот во Сребреница
Во Европскиот парламент денеска ќе се одржи свечена комеморативна церемонија по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, пренесува БГНЕС. Според „Сараево тајмс“, на настанот ќе се обратат претставници на Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и политичките групи во законодавниот дом на Унијата.
Во рамки на пленарната сесија, на 8 јули ќе се одржи дебата по резолуцијата за Босна и Херцеговина, а гласањето за документот е закажано за 9 јули.
Со резолуцијата се потврдува силната поддршка за европската перспектива на земјата и се поздравува одлуката за започнување преговори за членство во ЕУ. Сепак, се изразува сериозна загриженост поради забавените реформи и сè понагласената сепаратистичка реторика од страна на Република Српска, која се оценува како закана за стабилноста и европскиот пат на Босна и Херцеговина.
БГНЕС потсетува дека во почетокот на 90-тите години, поранешниот југословенски диктатор Слободан Милошевиќ, чиишто министер за пропаганда беше сегашниот српски претседател Александар Вучиќ, започна разорни војни во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Стотици илјади луѓе беа протерани од своите домови.
Во јули 1995 година, за само неколку дена, повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња беа масакрирани или егзекутирани од српските сили кои ја зазедоа Сребреница – населба што требаше да биде „заштитена зона“ на Обединетите нации под надзор на холандските мировници.
