На 18-ти ноември во Градското собрание на Париз беше отворена изложбата „Бугарски букви“ на здружението „Париз Ване Арт“. Со неа се оддава почит на кирилицата, третата азбука на Европската унија, велат од здружението, јавува БТА.
Автор на делата е апстрактниот уметник Кристин Цекова (КРИСТИ), која им дава живот на буквите збогатувајќи ги со сопствени форми, бои и линии родени од нејзината имагинација. Секоја буква е уметничко дело.
Изложбата ја запознава публиката со бугарските букви, нивната убавина и фонетика. Таа испраќа порака за слобода и мир во Европа, што е прикажана и на плакатот за изложбата на бугарски јазик.
Настанот е вклучен во Фестивалот на солидарноста во Франција. Предвидена е и работилница за кирилица за француската публика.
Здружението „Париз Ване Арт“ е формирано во 2013-та година од француско-бугарските уметнички Ване и Кристи, мајка и ќерка, кои настапуваат во Париз и Бугарија. Последната изложба во Бугарија во 2021-та година е Кабарето на Ване и Кристи во Сојузот на архитектите во Софија.