Трговската размена меѓу Бугарија и Северна Македонија за 2022 година ќе надмине 1 милијарда евра

//

Бизнис форум меѓу бизнис претставници од Бугарија и Република Северна Македонија, договорен на средбата на министрите за надворешни работи на двете земји во рамките на бугарското претседателство со Централноевропската иницијатива, ќе се одржи на почетокот на декември во Скопје, јавува БТА.

Податоците за трговската размена меѓу Бугарија и Република Северна Македонија покажуваат дека во 2022 година таа ќе надмине милијарда евра, стана јасно од зборовите на бугарскиот премиер Галаб Донев, при почетокот на градежните работи на железничкиот дел од Коридор 8, делница Куманово-Бељаковце-Крива Паланка кон крајот на октомври.

Податоците од Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија покажуваат дека во 2021 година трговската размена меѓу двете земји достигнала 747 милиони евра, а само за првите 8 месеци од 2022 година билатералната трговска размена изнесувала 711 милиони евра. Токму тоа дава причина да се очекува дека оваа година ќе заврши со рекордно висок обем на трговска размена. Бугарија во моментов е петти трговски партнер на Северна Македонија по Германија, Велика Британија, Грција и Србија.

Освен преку трговија на стоки и услуги, Бугарија е присутна во економијата на Северна Македонија и преку правни лица кои заземаат значајни позиции во одделни економски сектори.

Од вкупно 13 функционални банки во земјата, три се во бугарска сопственост, а во зависност од големината на нивниот капитал и средства, заклучно со 2021-та година, Универзална инвестициона банка /УНИ Банка е на осмо, Централна кооперативна банка е на десетто место, а на тринаесеттото место е Капитал банка. Од вкупно 16 осигурителни компании во Северна Македонија, бугарската осигурителна компанија „Евроинс“ е рангирана на 6-то место по ефикасност за 2021 година.

Веќе пет години концесионер на наоѓалиштата на олово и цинк во Злетово и Тораница преку локалната компанија „Булмак 2016“ е „Минстрој холдинг“ АД, бугарска сопственост е и единствената фабрика во Северна Македонија за рециклирање хартија во градот Кочани со инвестиција над 10 милиони евра.

Во земјата има неколку бугарски софтверски компании, бугарски фирми заземаат значителен дел од енергетскиот сектор во земјата, функционираат и бројни дистрибутерски, трговски и други разновидни фирми во бугарска сопственост од областа на градежништвото, увозот и продажба на градежни материјали.

За 2021 година увозот на струја од Бугарија во Северна Македонија изнесува 85,8 милиони евра, а за првите 8 месеци од 2022 година увозот на бугарска струја чини 132,5 милиони евра.

Од своја страна, Северна Македонија е традиционален извозник на овошје и зеленчук во Бугарија, каде што е присутна со 16 објекти на синџирот „КАМ маркет“, добро познати се производите на Тиквеш, Камник, Витаминка, Мебел Ви и др., а речиси целото количество ископано олово-цинкова и бакарна руда се извезува за преработка во бугарските погони за обоени метали.

Структурата на трговската размена и механизмот на врската на двете економии даваат причина да се верува дека после зголемувањето на инфраструктурната поврзаност меѓу Софија и Скопје – изградбата на железницата линија, патишта и гранични премини, има потенцијал за двојно зголемување на обемот на трговската размена и деловните иницијативи.

Претстојниот бизнис форум со учество на бизнис претставници од двете држави ќе се фокусира на инфраструктурата и енергетиката, земјоделството и IT секторот, посочил амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов, на средбата пред неколку дена со претставници на Бугарскиот бизнис во Северна Македонија, а целта е создавање на стабилни деловни контакти и запознавање со спецификите и можностите на пазарот од регионот, при што очекуваниот краен резултат е дополнителна стимулација на заедничките инвестиции.

Претходна статија

Изложба ја запознава публиката од Париз со бугарските букви

Следна статија

Претседателот Радев ќе го означи почетокот на 20-тото издание на „Бугарскиот Божиќ“

Најново од Вести