|

Евростат: Инфлацијата во еврозоната во август изнесувала 2%

Годишната инфлација во еврозоната во август изнесуваше 2%, соопшти Евростат, ревидирајќи ја надолу првичната проценка од 2,1%. Нивото на ценовен раст останува непроменето веќе три месеци по ред, откако и во јуни и јули инфлацијата беше 2%, јавува БГНЕС.

Највисок годишен раст во август е забележан кај храната, алкохолот и тутунот – 3,2%, по што следат услугите со 3,1%. Неенергетските индустриски производи бележат зголемување од 0,8%, додека енергијата повторно има негативен придонес од минус 2,0%.

Стапката од 2% е целосно во согласност со таргетот на Европската централна банка (ЕЦБ). Податоците се објавуваат само една недела по одлуката на банката да ги задржи каматните стапки на исто ниво. Основната камата за депозитното олеснување остана на 2%, што е најниско ниво во повеќе од две години.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека „дезинфлациониот процес е завршен“ и дека еврозоната е „во добра позиција“, нагласувајќи ја стабилноста на пазарот на труд, сигурната инфлациска перспектива и подобрените прогнози за раст во 2025 година. Таа додаде дека идните одлуки на банката ќе зависат од економските показатели, бидејќи ЕЦБ „не следи однапред зададен курс“.

Слични Објави