|

Фестивалот на грчки филм четврти пат ќе се одржи во Скопје и во Битола

Фестивалот на грчки филм по четврти пат ќе се одржи во Скопје и во Битола. Фестивалската програма, покрај скопската ќе ја погледне и публиката во Битола, градот на филмот, градот на богатата кино-култура, градот на почетоците на балканската кинематографија со Браќата Манаки.

Отворањето на Фестивалот на грчки филм е на 7 април (недела), во Скопје, а во Битола ден подоцна, на 8 април (понеделник) и ќе ја понуди есенцијата на грчката филмска уметност од последните неколку години, прикажувајќи вкупно 6 филма: 3 долгометражни и 3 кратки филмови.

Филмовите во Скопје ќе бидат прикажани во Кинотеката на Северна Македонија, а во Битола во Кино Манаки.

Амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, поздравувајќи ги присутните на денешната прес-конференција и истакнувајќи задоволство поради одржувањето на Фестивалот се осврна на филмот „ Жена –убиец“/ ФОНИСА во режија на грчката режисерка Ева Натена.

„Филмот е инспириран од познатиот роман на познатиот грчки писател Алексаднрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии“, рече Филипиду.

„Жена-убиец“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи кои долго време биле зацрврстени дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле.

Во продолжение амбасадорката Филипиду ја најави видео –пораката на Ева Натена, режисерката на филмот која им се обрати на присутните.

Голема благодарност до организаторите на Фестивалот. Многу сум среќна што филмот ќе се прикажува на Фестивалот на грчки филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментов. Многу важно за мене и моите соработници е што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите вистински да го почувствувате филмот, рече Натена, објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања кои траеле десет години.

Флорентиа Киортси, прв секретар за комуникација од канцеларијата за јавна дипломатија во амбасадата на Грција, се осврна на концепцијата на програмата на Фестивалот на грчки филм. Киорици информираше дека на отворањето ќе бидат прикажани „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос, краток филм, а по него следува трагикомедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос.

Текстот Фестивалот на грчки филм четврти пат ќе се одржи во Скопје и во Битола е превземен од МАКФАКС.



Слични Објави