Филијалата на Универзитетот од Русе во Тараклија ја започнува првата академска година
На 1 септември 2025 година ќе започне првата академска година во новоотворената филијала на Универзитетот во Русе, сместена во молдавскиот град Тараклија. Ова го потврди ректорката на универзитетот, доц. Десислава Атанасова, во изјава за БТА.
Филијалата беше официјално отворена на 24 мај годинава, откако молдавските власти дадоа зелено светло за трансформација на поранешниот Тараклиски државен универзитет „Григориj Цамблак“ во дел од високообразовната институција од Бугарија. Околу 30 професори од поранешниот универзитет ќе продолжат да предаваат, главно во области како педагогија, бугарски јазик, историја и музика. Дополнително, предавања ќе одржуваат и професори од Русе.
Во прва година се запишани 175 студенти, од кои најголем број се насочени кон новите студиски програми: „Бизнис и менаџмент“, „Компјутерски науки“ и „Земјоделска и автотранспортна техника“. Студентите доаѓаат од регионот на Тараклија и соседните области, каде што живее значителна популација со бугарско потекло. Повеќето од нив се примени согласно бугарската владина уредба бр. 103, која се однесува на странски државјани со бугарско потекло што живеат надвор од Бугарија.
„Очекуваме младите луѓе од регионот да нè препознаат како европска високообразовна институција, која нуди признати дипломи и квалитетно образование што отвора врати за иднина. Тоа веќе го гледаме со приемот во прва година“, изјави доц. Атанасова. Таа додаде дека филијалата во Тараклија претставува национална кауза за Бугарија.
