KITCHEN TV.MK

Истакнато Колумни Позиција

Најновиот ТВ канал кој е достапен на сите оператори е на фреквенцијата на која беше собранискиот канал, негови содржини има скоро на сите интернет портали, во печатените медиуми… абе на секаде.

Во моментов има наградна игра за најдобар рецепт, а наградениот ќе биде јавно објавен и ќе добие награда од 500 ден. Интересот е толку голем така што сите стручњаци во својата област секојдневно ги гледаме со своите специјалитети, а некои од нив нудат и најразлични запршки.

Дечки, лоша ви е кујната… зарем мислите дека некој ќе ви поверува на “успешните преговори” за дополнителните барања во уставните промени? Зарем “креаторите” толку рамнодушно ќе дозволат некој “ситнаш” во комоција да го попречува процесот? За малку ќе не уверевте дека толку многу му студи на приврзаниците на лидерот на најголемата опозициска партија, па поради тоа едвај дестина излегоа со него на протест за “спас”.

Од сите страни патриоти и јунаци… ги слушнавме дури од Будимпешта, а пак овие овде довчерашните потрчковци возвраќаат како лесно било од таму, а колку тешко е од тука да се испазарат за да не одговараат за нивните кривични дела… од лавови се претворија во мачиња ангорчиња, од криминалци во херои кои за скоро ќе добијат и аплауз на отворена сцена.

Па кој ви дава за право да го заобиколите криминалот и да делите амнестии во замена за новогодишни подароци, кој ви дава за право да ги простувате криминалите едните на другите, па потоа обратно откако ќе се промени власта сите овие дваесет и седум години? Зарем мора да му земите буквално се на своите граѓани за подоцна да бидат задоволни со она малку кое повеќе наликува на милостиња што ќе му ја дадете?

Зарем мора упорно да се водите по правилата на робовадетелското општество на кои се темелеше една поранешна држава која ви врежа длабоко влијание, па од таму политичкиот врв, дел од пониските ешалони, бизнис елитата се со по некоја кривична пријава која е во фиоката кај “шефот” кој пак своето искуство го стекнал во старите добри времиња на поранешната држава и негова задача е да го одржува политичкиот башибузук.

Сепак рефлексија е успехот што сме на врвот во ЕУ по број на полициски службеници по глава на жител. Сума сумарум факт е дека успешно беше решен случајот со украдените ќебапи што се сомневам дека ни ФБИ можеше да го реши, а да не беа замешани вонземјаните за малку и ќе го фатеа и премиерот при неговото бегство. Како и да е внимавајте да не го вкусите рецептот на граѓаните кои можеби ја чекаат пролета за да направат крем супа од мелен зеленчук…

Автор: Благојче Трајковски, Член на УК на ГДУ