|

Филипче: Граѓаните мора да знаат што дишат и да бидат заштитени

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по пожарот во Трубарево ја оцени ситуацијата како сериозна и побара итни мерки од институциите.

„Граѓаните имаат право да знаат што дишат и што внесуваат во организмот, но и да бидат заштитени од државата. Тоа е нивно основно човеково право, а должност на институциите е да им го обезбедат“, рече тој.

Филипче нагласи дека одговорноста не завршува со гаснењето на пожарот, туку почнува со справување со последиците. „Јавно барам да се овозможи медицински преглед за сите жители во и околу Трубарево“, истакна, додавајќи дека се неопходни лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата, со резултати што ќе бидат транспарентно објавени.

Тој посочи и на потребата од психолошка поддршка за жителите и пожарникарите. „Не можеме како држава да ги оставиме сами со траумата“, нагласи Филипче.

Според него, безбедносната зона треба да се прошири на 500–2.000 метри со јасни протоколи за евентуално затворање училишта, дистрибуција на маски и систем за предупредување. „Очекувам да бидат поставени мобилни мерни станици кои ќе го мерат загадувањето во реално време“, додаде тој.

На крајот, Филипче побара целосна истрага за причините за пожарот: „Наместо конфузни изјави и политички спинови, луѓето очекуваат одговори и решенија“.

Слични Објави