Филипче: Немаме друга опција освен рестрикции за невакцинираните, одлуката веројатно во август
Нема да имаме друга можност освен да воведеме некаква форма на рестрикција. За мерките е разговарано и дополнително ќе разговараме со цел да го заштитиме целокупното друго население, а тие мерки ќе се однесуваат на невакцинираните, изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека за конкретните мерки ќе разговараат подетално во август.
– Видовме во изминативе години што значи да нема вакцина за една болест, какви рестрикции, полициски часови итн., гледаме и следиме примери и од другите земји, има приватни компании кои едноставно сакаат вработените да им се вакцинирани за да може нормално да функционира работниот процес, а ние ќе го штитиме јавното здравје со тоа што евентуално би вовеле такви мерки таму кај што има можност за масовни собири, јавни настани, можеби влез за некои јавни места итн, нагласи Филипче при посетата на Клиничката болница во Битола.
Тој посочи дека во овој момент имаме највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, па дури и во овој дел на Европа.
Во однос на вакцинацијата на децата, тој потенцира дека немаат во план, како за нив, така и за возрасните да наметнат правила и таа да биде задолжителна.
Во однос на количината на вакцини, тој појасни, дека секој понеделник стигнуваат меѓу 20 и 30 илјади вакцини и тоа е комбинација од директниот договор со компанијата „Фајзер” и помошта што стигнува преку земјите членки на ЕУ.
Филипче потенцира дека за третиот и четвртиот квартал само од директниот договор вкупно треба да стигнат 700 илјади вакцини „Фајзер”, што, според него, е сосема доволно и во овој момент има доволно вакцини.
Извор: Zoom. mk