|

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја доведе државата во најголема економска несигурност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција остро ја критикуваше економската политика на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека државата е доведена во најголема економска несигурност досега, а граѓаните живеат сè потешко.

„Додека владата ги користи своите ПР трикови за да прикаже дека во државата добро се живее, реалноста е поразителна – граѓаните се тие што знаат како живеат и каква е реалната состојба со економијата, цените и платите,“ изјави Филипче.

Тој нагласи дека според реалните податоци платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат. „Инфлацијата е 4,8%, секојдневно растат трошоците и реалноста е дека се живее сè потешко,“ рече претседателот на СДСМ.

Филипче посочи дека минималната синдикална кошница секој месец урива нови рекорди. „Во јуни 2024 година, минималната синдикална кошничка изнесуваше 60.325 денари, а во август минатата година надмина 61.199 денари. Денес, после една година таа достигна 65.507 денари. Тоа значи дека во периодот откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, основните трошоци за живот се зголемени за околу 4.300 денари. Во исто време, минималната плата е зголемена за само 1.800 денари. Ова е директен удар врз стандардот на граѓаните,“ изјави тој.

Осврнувајќи се на платите, Филипче ја оспори реториката на премиерот Мицкоски. „Премиерот Мицкоски се фали со бројки за ‘раст на платите од 11, 12 или 13%.’ Но, да ги погледнеме реалните бројки. Реалната плата, онаа што ја покажува куповната моќ на граѓаните, во јуни порасна само 3,8%, а пред една година со мерките на СДСМ растот беше 11%. За прв пат после долги години имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец – тоа беше случај во јуни,“ порача лидерот на СДСМ.

Слични Објави