Проф. д-р Горан Марковски кандидат за градоначалник на Скопје со поддршка од „Независни заедно“
Граѓанската платформа „Независни заедно“ официјално ја објави кандидатурата на деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Горан Марковски, за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори.
„По години гледање како се нижат проблеми, се губат и запустуваат јавни простори и јавни објекти, како горат и исчезнуваат пред наши очи објекти со вредност и значење – имаме шанса за промена.“, порача Јана Белчева Андреевска, кандидатка за советничка во Советот на Град Скопје, која го отвори настанот
Професор Марковски се определи како независен кандидат со јасна визија за модерен, хуман и транспарентно управуван град.
„Скопје е во агонија. Му е потребна визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град кој ќе им служи на граѓаните, а не на тесни интереси,“ истакна тој во својот говор.
Тој посочи дека Скопје денес се соочува со сериозни предизвици – загаденост, урбан хаос и изгубен идентитет – и дека се неопходни нови решенија кои ќе донесат надеж, особено за младите.
„Го започнувам овој пат од Камениот мост – симболот на поврзување и заедништво. Убеден сум дека со широка граѓанска поддршка можеме да изградиме град кој ќе биде вистински европски дом, место на кое ќе се гордеат сите скопјани,“ додаде Марковски.
Од „Независни заедно“ порачаа дека кандидатурата на Марковски е гаранција за стручност и интегритет:
„Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот.“
Во својата визија, Марковски ја нагласи потребата од транспарентно и чесно управување, современи и одржливи решенија, дигитализација, зелени политики и култура во фокусот на развојот. „Вистинската промена може да се постигне единствено преку активни граѓани и независни личности кои ќе изградат силни институции и здрава демократија,“ подвлече тој.
„Независни заедно“ е платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини – „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај Скопје, тие најавија поддршка и за кандидатурата на антикорупционерка Билјана Ивановска во Центар.

