|

Филипче: Во зимските денови граѓаните да се воздржат од големи семејни прослави

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција говореше за состојбата со коронавирусот во земјата. Бројот на заразени овој период се движи од 400 до 700 случаи дневно.

„Засега нема да има препорака за некои нови рестриктивни мерки, апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни со тоа што треба да се почитуваат“, посочи Филипче.

Министерот нагласи дека основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата се носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето.

Филипче рече дека мерките кај нас се еднакви како во сите развиени земји и нагласи дека излезот од кризата е вакцинацијата на населението.

Тој апелираше на поголема внимателност кај граѓаните во текот на зимските месеци.

„Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак, такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши“, истакна министерот.

Во однос на некои мерки што се преземаат во регионот и какви се ефектите од тоа, Филипче најави дека ќе се дискутира следната недела.

„Апсолутно ако има некаква мерка што нас ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме“, изјави министерот.

Тој истакна и дека сега здравствениот систем е преоптеретен во делот на ковид-центрите, од невакцинирни пациенти.

„Вакцинираните пациенти, имаат очигледно полесна клиничка форма и ако продолжи тој тренд, повторно ќе бидат преоптеретени болниците како што се сега во Србија, Хрватска, Бугарија и Грција. Апелирам граѓаните да се вакцинираат, има доволно вакцини, пунктовите работат. Тоа е излезот од кризата“, посочи Филипче.

Извор: Темите



Слични Објави