ФИЛМОТ „HEY“ ЗА КИДНАПИРАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ПРЕМИЕР ПОСЛЕ 10 ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ПРИКАЖАН ПРЕД ПУБЛИКАТА

Првиот македонски филм политичка сатира „Hey“ ќе биде биде претставен пред публиката вечерва од 20 часот во кино „Милениум“, како последна пројекција од фестивалот „Cinedays“. Интересното за овој филм освен големиот број познати имиња од македонското глумачко небо е фактот дека истиот е снимен без никаков буџет пред 10 години, но поради опструкции од различна природа, како што вели самиот режисер Васил Христов-Вуси, филмот ќе ја доживее својата официјална премиера вечерва.

На пресот што денеска се одржа во МКЦ, режисерот Васил Христов и дел од екипата што учествува во филмот раскажаа за интересните моменти околу снимањето на ова уметничко дело. Вуси изрази благодарност до целата екипа која работела ден и ноќ во продукцијата и постпродукцијата на филмот.

Како што раскажаа и самите глумци филмот е снимен во екстремни услови за точно 6 недели во декември 2008 г.

Специјално за нашиот портал македонската актерка Јелена Мијатовиќ ја даде следната изјава:

„Среќна сум што сум дел од филмот и што конечно вечерва ќе бидам во публиката што ќе ужива во истиот. Овој проект е сработен без буџет и тоа го прави навистина специјален и поинаков. Темата на филмот во моментот е многу актуелна, а верувам дека долго време публиката ќе раскажува за „Hey“. Единствено што посакувам е во Македонија да се снимаат повеќе филмови и да не чекаме по 10 години за нивните премиери“.

Во филмот на Васил Христов Вуси играат: Кирил Коруновски, Николина Кујача, Оливер Митковски, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Александар Микиќ, Јелена Мијатовиќ, Јордан Симонов, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Ана Данчевска, Славиша Кајевски, Софија Насевска, Соња Стамболџиевска, Ана Калчовска и др.

Филмот ќе биде прикажан на репертоарот на кината Минелиум и Синеплекс од 22 ноември.

 

 

 



Слични Објави