19 ЈАНУАРИ БОГОЈАВЛЕНИЕ И ВОДОКРСТ (МАШКИ ВОДИЦИ)

Дванаесетте некрстени денови како и празниците (Бадник, Божиќ, Василица итн) кои го сочинуваат новогодишниот обреден циклус од зимскиот солстициум,  завршуваат со низа на ритуали и обичаи кои се изведуваат при одбележувањето на празникот Водици или Богојавление. Во македонската традиција и фолклор, овој празник содржи колективни и семејни обреди поврзани со аграрната магија, како и црковно-народни, кои настанале под влијание на христијанството. Клучен елемент на овој празник е водата, за која се верува дека има заштитна(апотропејска) функција, па токму поради таа причина обредите од овој празник се изведуваат во вода. Се верува дека на тој начин ќе се заштитат луѓето кои учествуваат во тој обред од лоши духови и црни магии.

Покрај, веќе нам, познатите црковно-народни елементи кои се поврзуваат со крстењето на водата и прскањето против натприродни сили и зли духови, карактеристично за овој празник е тоа што се прославува два дена. Првиот ден (19 јануари), покрај Водокрст и Богојавление, овој празник помеѓу народот е познат како Машки Водици, додека вториот ден е познат како собирот на Св. Јован Крстител или Женски Водици. На Женски Водици, рано наутро, се подготвуваат обредни поворки од составени од моми за мажење, т.е. таканаречени водичарки. Карактеристично за водичарките е што тие не оделе во раштрканиот тип на села, туку само во збиените села, но општо е познато дека тој ден е посветен на девојките, кои негуваат посебен фолклор- изведувањето на водичарски песни. Водичарските поворки содржат и одреден социјален контекст, бидејќи тоа била можност преку која се претставувале девојките односно момите кои биле стасани за мажење. Покрај таа можност, на Водици се случувало некоја од момата да стане невеста-бегалка за момчето кое го сакала. Тоа се правело, многу итро и неприметно со издвојување од групата, тајфата и без повторно враќање назад.

Денеска, овие таканаречени Женски Водици се редуцирани, скоро и да не се изведуваат повеќе.

Според народните верувања и обичаи, во Западна Македонија особена почит се прикажува кон институцијата заедничко кумство како заедничко духовно сродство со посебно празнување на денот на кумството – Свети Јован Крстител, Богојавление или Водици/ Водокрст. Значајна личност на празникот е заедничкиот кум, чиј мандат трае една година, почнувајќи од Водици до Водици следната година. Изборот за кум содржел неколку правила, како етика, морал, поседување на солиден општествен статус или едноставно дека дошол редот на оној кој се кандидира.

Низ времето, врз основа на родовската поврзаност се формирале т.н. “компании” чии што устројство се засновало и на верувањето во Св. Јован како заштитник на кумството. Главната функција на компаниите се искажувала  за време на чувањето на крстовите за заедничка селска слава- Водици. Симболиката на крстот се поврзува со сегашното или поранешното крвно сродство, односно наследното кумство на родот но исто така и со христијанството по реформацијата на црквата. Крстот се украсува со црвена врвка или други украси, босилек( за заштита од зли духови) и потоа се фрла во блиска река или извор, за да се освети. Се верува дека оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа цела година. По овој ритуал, следела и обредна трпеза, каде што се гостувале сите од селото.

Во поново време, овој обред го има изгубено првобитниот смисол на постоење, се повеќе се՛ става акцент на  материјалноста а не на тоа што е духовно, чисто и навистина важно за сите нас. Како што гледаме и сами, изведувањето на овие обреди во градските и приградските средини се прави од аспект на материјалност добивајќи ги сите тие награди и парични добивки, а не поради духовно и телесно прочистување на себе си, односно одлики со кои учесникот на обредот се стекнува, чим влезе во водата како што било во минатото. Токму поради овие причини, ставајќи го тој акцент на материјалноста, луѓето се повеќе ја губат вербата во себе и во Бог, затоа што, од се՛ што е духовно направија бизнис.

Материјалноста може човекот да го доведе до лудило, затоа не՛ го дозволувајте тоа. Затоа што ако го изгубите тоа што е духовно, сте се изгубиле себе си.

Автор: Кристина Паско, етнолог