НЕ ЧЕПКАЈТЕ ТАМУ КАДЕ ШТО БОЛИ НАЈМНОГУ!
Изреволтирана сум од фактот дека нашата Влада освен за прашањето каде и како побегнал почесниот претседател на ДПМНЕ, кој и како го крие, дали низ козја или овча патека, кој и како ќе го врати, заборавивме дека имаме и други проблеми во општеството. Пред некој ден пишував за „светото тројство“ (образованието, социјалната заштита и јавното здравство). Во ова свето тројство е сѐ а ништо не е бесплатно.
Владата прави нови измени во Законот за социјална заштита на лицата со посебни потреби, иако досега не дека некако им се помогнало со измените на овие лица туку најчесто им се одмогнувало.
Измените во законот се однесуваат на член 53- Лице кое користи надоместок заради попреченост истовремено не може да користи и надоместок за помош и нега од друго лице. Член 78-Корисник на услугата помош и нега во домот која се реализира со надоместени трошоци од ЦСР истовремено не може да користи услуга лична асистенција. Така, доколку се одлучат да ја користат услугата за персонален асистент за домашни услови, лицата со хендикеп ќе треба да се откажат од додатокот за туѓа нега. Истиот изнесува 4.400 денари.
Владата со ова сака да ги земе парите кои што законски следуваат. Доколку пак лицата со хендикеп се одлучат да користат персонален асистент за секојдневни активности, ќе треба да се откажат од половина од сумата за додаток за мобилност кој изнесува 7.090 денари. Значи повторно Владата крати од граѓаните на кои помошта им е најпотребна. Имено за мерката персонална асистенција беа потрошени големи пари од страна на Светската банка и европските фондови. Новите законски измени се спротивни на Конвенцијата за правата на лица со хендикеп која што Р.М ја ратификуваше во 2011 година.
Зарем не е срамно за нашата држава да удира по џебовите на најранливата категорија во државата а притоа да ја зголемува платата на администрацијата, пратениците од удобните фотелји да собираат ливчиња од патарини и да си го полнат џебот, а за лицата со хендикеп да нема обезбедено ниту нормален пристап до институците т.е патека за инвалиди?!
Јас би сакала да прашам дали удобноста на фотелјата би ја замениле со удобноста на инвалидизираните лица и од што ќе скратите за да го овозможите тоа? Овие лица и ова што го добиваат како социјална заштита едвај им стига за потребните лекарства а да не зборувам за другите потреби.
До кога ќе удирате по граѓаните и тоа по најранливото ткиво во оваа држава а тоа се лицата со посебни потреби? Срамно е за држава која се стреми да стане членка на ЕУ да крати средства од буџетот за неговата администрација да биде покомфорна. Жално е што живееме во општество каде личниот интерес на Владата се става пред интересите на граѓаните, оние истите кои со своите инвалидски колички учествуваат во изборните процеси и си ја вршат должноста како граѓани.
Наместо тендери со цвеќиња и лубриканти, непотребниот број на пратеници, кои повеќе се стремат за прибирање ливчиња од патарини и правење долгови на државна сметка, парите да се искористат за оваа категорија на граѓани кои им се неопходни за еден понормален и попристоен живот.
Не знам како Владата размислува дека ќе сме станеле едно општество за сите кога не ги почитува а притоа и им ги ускратува правата на лицата со хендикеп!
Автор: Фросина Китановска
