ФОЛКЛОРЕН „ФЕСТИВАЛ НА СОЛИДАРНОСТА“

Во четврток, на 23 – ти август, на платото во ТЦ Лептокарија, во 20:30 часот, ќе започне 39-то издание на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, т.н.“Фестивал на солидарноста“.
Меѓународниот студентски фолклорен фестивал се одржува од 1967 година на иницијатива на скопските студенти, а во знак на благодарност до земјите кои учествуваа во изградбата на градот Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, по што и го доби синонимот „Фестивал на солидарноста“.

Домаќин на фолклорниот фестивал е Академското културно – уметничко друштво “Мирче Ацев” кое е со седиште на територија на Општина Карпош.
Оваа фолклорна манифестација има меѓународен карактер. На него ќе учествуваат покрај уметнички друштва од Македонија, и ансамбли од Србија, Хрватска, Турција и Кипар.

Фолкорниот фестивал му претходи на Карпошовото културно лето и ја збогатува културната програма во која ќе уживаат жителите на Карпош, но и сите граѓани на Скопје.
Отворањето на фестивалот ќе биде на платото во ТЦ Лептокарија, а ќе се одржат концерти и во Општина Гази Баба, како и во градот Велес.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и Семинар за фолклор кој ќе овозможи дополнително вмрежување и размена на искуства и знаења меѓу учесниците. Во рамки на Семинарот ќе се одржат работилници за презентација на народните носии, чекорите во ритмичките игри, на инструментите и на мелосот.
Фолклорот претставува вистинско богатство на секоја држава, а овој фестивал овозможува вистинска нејзина презентација и доближување на нејзините карактеристики до што поголем број на граѓани.
Општина Карпош ги поканува сите заинтересирани граѓани да го проследат отворањето на фестивалот и да уживаат во неговата богата програма.

Слични Објави