| |

(Фото) Бугари од Истанбул: МПО е гордост за секој чесен Бугарин

Ви го претставуваме писмото на задграничните представници на МПО во Истанбул, напишано од Пандо Стумбов и неговите соработници до Конгресот на МПО и објавено во весникот „Македонска Трибуна“ во јули 1952 г.

Мили поздрави од Истанбул

Драги браќа,

Необичните страдања на нашата родина Македонија, создадени по 1912 г. од новите Хуни на 20-тиот век: Србите и Грците, ја покрија со страшен црн облак таа многострадална наша света земја. Тешки премрежја се истурија врз сиот наш добар народ. Србите и Грците и денес беснеат во Македонија.

Ни ги затворија училиштата веднаш откако влегоа во оваа измачена земја тие џелати. Убија многу наши браќа само поради една единствена причина, затоа што се Бугари. Во нашите цркви веќе не се слуша нашата родна бугарска реч. Србите и Грците му забранија на нашиот несреќен народ да го говори својот мајчин бугарски јазик. Безумство! Им забранија на Бугарите да кажуваат дека се Бугари! Какво страшно морално пропаѓање на поробувачите, пред благородните напори на човекољубивите луѓе, кои трескаво работат за да се озаконат светите „човекови права“ во целиот свет.

Нашиот народ беше во очај. Но неговиот дух не падна, нешто што сакаа да го видат Србите и Грците. За среќа, многу наши браќа се распрснаа по различните страни на светот. Тоа им даде можност да видат како живеат слободно народите во Америка, Канада, Австралија и во други места во цивилизираните земји во светот. Ропството во Македонија, кое се одржува со оган и меч од поробувачите Срби и Грци им се виде уште поодвратно.

Се роди среќната идеја да се обединат во името на слободата на Македонија. Со културни средства, какви што им даваат гостопримливите и слободољубиви држави, да работат напорно за спасот на својата мила Татковина.

Таа среќна, спасувачка идеја денес е реалност!

Се создаде Македонската политическа организација (МПО), која е гордост за секој чесен Бугарин.

Ние, Вашите браќа во Истанбул, силно веруваме во тоа дека сте повикани од Виша сила, да ги положите своите сили за ослободувањето на Македонија. Нас искрено нѐ охрабрува секоја една корисна активност на МПО во одбрана на вистината. Така Вашата спонтана едногласност, што ја покажавте во Торонто, Канада, како одговор на клеветите на г-н Венизелос и му дадовте достоен и силен отпор, многу не охрабри и нас.

Ние сме смирени, затоа што гледаме дека МПО е во достојните раце на достојни синови на Македонија. Затоа сите чеда на Македонија во слободољубивите земји, треба да се обединат со братска љубов во нашата тврдина МПО и во името на идеалот: Обединета Слободна Македонија.

Ние сме далеку од Вас, драги наши браќа, но секогаш се интересираме живо за Вашиот родољубив дух и црпиме поука и кураж во нашиот живот.

Немаше да се познаваме толку добро, ако не беше нашиот омилен в. „Македонска Трибуна“, тој е единствената врска меѓу сите наши браќа распрснати низ целиот свет. „Македонска Трибуна“ е знамето под чија сенка треба да се обединат сите што милеат за слободата на Македонија во нашата МПО.

Мили браќа,

Вие сте на вашиот годишен конгрес. Ние нетрпеливо ги очекуваме вашите родољубиви одлуки во корист на пропатена Македонија. Во името на Македонија, ние силно Ве поздравуваме и Ви посакуваме плодна работа, која ќе ја радува Македонија, а таа со мајчинска љубов, ќе ве благослови.

Ура, драги наши браќа!

Од група македонски Бугари.

Истанбул 27 јули, 1952 г. в. „Македонска Трибуна“.

Слични Објави