|

(Фото) Сиљановска-Давкова го прогласи за отворенo 27. Светско првенство во ракомет за средношколци

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва на плоштадот „Македонија“ во Скопје го прогласи за отворено 27. Светско првенство во ракомет за средношколци, на коешто учествуваат околу 700 млади ракометарки и ракометари од 20 држави од светот.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова потсети на македонските ракометни успеси, меѓу кои и историскиот настап на македонската репрезентација на Европското првенство во 2012 година, како и европските титули на РК „Вардар“ во 2017 и 2019 година и успесите на ЖРК „Кометал Ѓорче Петров“.

„За нас, ракометот не е само спортска дисциплина, туку и дел од националниот идентитет, извор на гордост, мегдан на којшто со години достоинствено се претставуваме. Се изнедрија генерации спортисти, кои станаа пример за дисциплина, одговорност и тимска игра, а токму тие доблести имаат и поширока вредност, зашто подеднакво се потребни и надвор од теренот, во општеството и во секојдневниот живот“, нагласи Сиљановска-Давкова, додавајќи дека за неа ракометот е повеќе од игра, животна филозофија во којашто се спојуваат дисциплината и страста, разумот и храброста, личниот напор и колективниот дух.

Во младите ракометари, таа гледа не само претставници на нивните училишта, градови и држави, туку витези во спортот што чесно победуваат, достоинствено го поднесуват поразот и секогаш го почитуваат противникот.

Прогласувајќи го 27-то Светско првенство во ракомет за средношколци за отворено, претседателката потсети дека Скопје е град со долга историја, култура и космополитска енергија и претстојна „Европска престолнина на културата во 2028″, и дека ќе ги пречека искрено и топло, како што доликува на добар домаќин.



Слични Објави