Фреските од Бојанската црква – бугарско средновековно ремек-дело претставено во луксузно издание за светската публика
Фреските во Бојанската црква се дел од светското културно-историско наследство и за мене, како издавач, беше сон и привилегија да издадам книга во голем формат, со квалитетни фотографии и кратки анализи од еминентни историчари на уметноста за овие забележителни дела на нашето средновековно сликарство. Со овие зборови издателот на книгата „Бојанската црква-во зората на Ренесансата“ Стефан Добрев, ја објаснува својата идеја за промоцијата на делото на Бојанскиот мајстор надвор од границите на Бугарија.
Делата на непознатиот Бојански мајстор се создадени повеќе од сто години пред Ренесансата во Западна Европа.
„На овој начин сакам да запознаам поширок круг љубители со нивните исклучителни квалитети и со нивниот ренесансен дух“, вели арх. Добрев.
Текстот на големиот историчар на уметноста Кирил Крстев е објавен во својата целосна форма дури во 2021 година. Тој компетентно и аргументирано ја анализира уметноста на Бојанскиот мајстор. Исто така, извонредно вредни и прецизни се мислите и професионалните оценки на големиот бугарски историчар и историчар на уметноста д-р Богдан Филов, како и на Андре Грабар и проф. Атанас Божков, чии кратки цитати ги придружуваат исклучителните фотографии.
„Се надевам дека оваа книга ќе послужи како инспирација за нови посети и можеби и за нови истражувања“, вели арх. Добрев и додава дека „не на последно место, таа е израз на длабока почит и благодарност кон исклучителниот талент на Бојанскиот мајстор“.
