| |

FT: Бугарскиот дипломат Николај Младенов ќе ја предводи извршната комисија за Газа во рамки на новиот мировен план

Бугарскиот дипломат Николај Младенов ќе ја предводи „извршната комисија“ за Појасот Газа, која ќе има координирачка улога меѓу т.н. Мировен совет, договорен како дел од мировниот план на Доналд Трамп, и привремената палестинска технократска управа, јавува Радио Бугарија.

Ова го објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на два извори добро запознаени со подготовката на следната фаза од мировниот план.

Весникот потсетува дека поранешниот министер за надворешни работи и поранешен министер за одбрана на Бугарија, Николај Младенов, беше специјален пратеник на ООН за Блискиот Исток во периодот од 2015 до 2020 година и во тој период фактички делуваше како посредник меѓу израелските и палестинските претставници.

„Фајненшл тајмс“ дополнително наведува дека првично во плановите за управувањето бил предвиден поранешниот британски премиер Тони Блер, но тој бил отстранет поради противењето на арапските држави вклучени во процесот.



Слични Објави