Г. ВИНЧИЌ: СО МОИТЕ ДЕЛА СЕ ОБИДУВАМ НА НАБЉУДУВАЧОТ ДА МУ ГО НАСОЧАМ ВНИМАНИЕТО КОН КРИЗАТА НА ИДЕНТИТЕТОТ СО КОЈА СЕ СООЧУВА СОВРЕМЕНИОТ ЧОВЕК.

///

Гордана Винчиќ е родена во Скопје, а живее и твори како независен уметник  во Малме, Шведска. Винчиќ  досега учествувала на повеќе интернационални колонии и симпозиуми во земјава и во светот, а е организатор и на меѓународниот  „АРТ СИМПОЗИУМ СКОПЈЕ-2018“.

Трибуна: Гордана, твојата изложба „Идентитет“ беше претставена премиерно во НУЦК во Крива Паланка. Раскажи ни за идејата што те инспирираше за оваа изложба, а и за самиот настан?

Делата визуелно прикажуваат индивидуи кои се на едно душевно патување кон својот идентитет. Ги претставувам во разновидни емотивни состојби како на пример:несигурност, одлучност, замисленост, рамнодушност и носталгија но сите ја  делат заедничката мечта, желбата за промена кон нешто подобро. Делата ги творев од срце и без претходна намера или план каде ќе бидат изложени. Прстите ги вмеша боженственото а јас го препознав знакот и предизвикот и со сета моја љубов ја прифатив понудата да ја направам изложбата во Крива Паланка. Прекрасен настан на кој имав можност за се запознаам со граѓаните од сите возрасти кои љубат уметност. Несекојдневна дружба исполнета со пријатен дијалог и осврт кон убавината на животот. Благодарна сум и воодушевена од професионалноста и гостопримството на организаторите од НУЦК Крива Паланка. Имав чест после настанот да преноќам во магичниот манастирски комплекс Св. Јоаким Осоговски и да ја почувствувам наградата за мојот труд, отворен пат и кон мојот личен идентитет. Се поклонувам и молчам кон моќта на боженственото и позитивната енергија на луѓето од Крива Паланка.

Трибуна: Како современиот човек ќе остане поврзан со својот идентитет, дали тоа може да се претстави и визуелно преку твојата изложба, која се нарекува токму „Идентитет“?

Од секогаш ме инспирирала таинственоста на човековата потсвест. Сметам дека современиот човек го има изгубено својот идентитет низ векови заробувајќи се во актуелните и конвенционалните начини на размислување. Социјалните мрежи, секојдневните проблеми и информативните притисоци од сите страни го оддалечиле од боженственото и вистинските благодети на животот. Така раскинат од своето сопство современиот човек е изгубен, без визија и подлежен на манипулација. Со моите дела се обидувам на набљудувачот да му го насочам вниманието кон кризата на идентитетот со која се соочува современиот човек. Во исто време важноста да се тргне од „галамата“ и да се загледа јасно навнатре во себе во својата потсвест која ги содржи праисториските слики оставени од нашите предци и архетипови. Да не се плаши да зачекори кон самоостварувањето, душевното патување препуштен на боженствените знаци и патокази. Тој пат води кон остварување на својата автентичност, внатрешна оргиналност, личен идентитет.



Трибуна: Ти си плоден автор, и може да се каже дека работиш, како што беше модерно да се кажува 24/7. Каква е твојата агенда во наредниот период и дали уметникот има време за одмор.

Кога музите се со мене, нема време за одмор, но сепак јас самото творење го доживувам и како можност за конструктивно вентилирање на мојот внатрешен немир кој одсекогаш ме следел. Само со творењето трансцендентира во спокој кој пак на следното ќоше сака во нови доживувања и авантури. Летниот период сум посебно инспирирана за работа и тоа ќе го правам во мојата родна земја. Тука најдобро умеам да ја спојам работата со уживањето во благодетите на животот. Во средината на јули во соработка со Министерството за култура на Македонија организирам интернационална колонија во Валандово.

 



Претходна статија

ГДУ: ДРЖАВНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ СИ ЗЕМААТ ПЛАТА ЗА СЕДЕЊЕ ДОМА

Следна статија

ВМРО-ДПМНЕ: ЗОРАН ЗАЕВ НАМЕСТО ЖИВОТ ДОНЕСЕ БЕДА, НАМЕСТО ДОСТОИНСТВО ПОНИЖУВАЊЕ

Најново од Интервју