| |

(Галерија) Амбасадорот Ангелов и генералниот конзул Иванов го посетија Техничкото училиште во Битола

Вчера официјална делегација предводена од амбасадорот на Република Бугарија во РС Македонија Ангел Ангелов и генералниот конзул на Република Бугарија во Битола Димитар Иванов го посети Средното техничко училиште во Битола. Таму во изминатиот период со средства од Р.Бугарија и Општина Битола се изврши реконструкција на делови од зградата на училиштето. Со парите од Бугарија во висина од 133 илјади евра и кофинансирање од општината во висина од 27 илјади евра или со вкупен износ од 160 илјади евра техничкото училиште стана енергетски ефикасно училиште и сега како што рече директорот има заштеда на електричната енергија.

„ Ова беше најголемиот инвестициски зафат од странска донација во училиштето. Сега е енергетски поефикасно бидејќи осветливањето кое го имавме претходно беше со флуресцентни светилки и пригушници, а сега се заменети до лед осветлување. Заштедата е меѓу 30 и 40 проценти во однос на потрошувачката на електрична енергија што во момент кога има криза на елекетрилчна енергија е голем бенефит за Општина Битола која ги покрива режиските трошоци во нашето училиште. Имаме заштеда и во греење зашто прозорците се нови и нема веќе загуби на топлинска енергија “, рече директорот Владимир Роме.

Бугарскиот амбасадор рече дека ова е втора донација за техничкото училиште, а генералниот конзул кажа дека секоја година во земјава доаѓаат над 500 000 евра како донација од Бугарија.

„Во времето на енергетска криза најбитно е заштедувањето и на струја и на топлотна енергија .Ова е наш втор проект со оваа образовна институција . Пред 13 до 14 години тогаш бев исто во амбасадата и тогаш го започнавме проектот за тениското игралиште. Сега ја поставивме и топлотната изолација, така што се надевам дека со општина Битола ќе продолжиме активно да работиме“ изјави амбасадорот на Р.Бугарија во државата Ангел Ангелов.

„Овај проект се реализира во 2019 година . Навистина имаше проблеми со ковид кризата која малку ја успори реализацијата на проектот но во тесна синхронизација со Општина Битола и директортот на училиштето и раководството на училиштето успеавме да исполниме два проекти кои сите вие сега ги гледате. Над 1 милион лева односно над 500 илјади евра се вложуваат како донација во РСМ . Можам да кажам дека тука во Пелагонискиот регион во последните две до три години реновиравме неколку училишта во Бач, Општина Новаци, Радобор, Чарлија, Беранци, тие се кон општина Могила, исто така имавме и донација на таблети за училишта од тој регион“ изјави генералниот конзулот Димитар Иванов.

Заменик градоначалникот на Битола се заблагодари за донацијата и рече дека заедничката соработка ќе ја продолжат и во иднина.

„Благодарност за донацијата и како нова локална самоуправа ќе ја продолжиме соработката со Република Бугарија со цел правење на поголем број проекти на територијата на Битола“, рече Бојковски.

Горската служба за спасување од Битола пред бугарските гости ја претстави опремата која што ја набавиле во рамки на проектот „ Подобрување на техничкото обезбедување на службата“, исто така финансиран од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Донацијата од страна на Р.Бугарија за спасувачката екипа на горската служба изнесува 12 илјади евра.

Слични Објави